Канческа-Милевска во работна посета на Дебар

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, заедно со државниот секретар во Министерството за култура Музафер Бислими, денеска престојуваше во Дебар каде што оствари работна средба со градоначалникот Ружди Лата.

На средбата беше нагласена важноста од соработката меѓу централната и локалната власт преку реализација на повеќе проекти од областа на културата, во насока на унапредување на локалниот културен развој.

Канческа-Милевска го посети и Центарот за култура во овој град каде што во изминатиот период беа реализирани повеќе проекти од национален интерес кои придонесуваат за културна афирмација на Дебар.

Според министерката за култура, од особено значење е и фактот што во минатата година беа издвоени средства за уредување на влезното плато пред објектот на Центарот за култура со што оваа установа доби нов лик.

„По реконструкцијата на влезното плато, годинава обезбедивме средства за реконструкција на подрумските простории на Центарот кои до крајот на годината ќе се адаптираат во камерна сцена погодна за одржување на помали културни активности, како: камерни претстави, музички концерти и слично“, истакна Канческа-Милевска.

Од неодамна, како дел од проектот на Министерството за култура и Филмскиот фонд за развој на киноприкажувачката дејност, Центарот за култура доби и современ кинопроектор, а од утре граѓаните ќе можат да ги проследат играните филмови „Војната заврши“ и „Ова не е американски филм“.

You May Also Like