„Или-Или“ го објави романот „Мистер Гвин“ од Алесандрo Барико

Во петок (13 септември) во издание на Или-Или излегува од печат преводот на најновиот роман „Мистер Гвин“ на култниот Алесандро Барико.

Korica Bariko za preview

Инаку, поднасловот на романот објавен во 2011 година е “истражување на способноста за исчезнување, за потоа повторно да се пронајдеме себеси”, одличниот превод е на Лилјана Узуновиќ, а неговото излегување на македонски јазик е поддржано од Програмата за култура на Европската унија EACEA 2007-2013, како и од Министерството за култура на РМ. Илустрацијата на корицата ја изработи Марија Смилевска, а дизајнот е на brigada.mk.

Алесандро Барико во последниве три декади е најценетиот современ италијански книжевник. Роден е 1958 година во Торино. По дипломирањето филозофија и пијано, работи во рекламни агенции и пишува популарни статии од областа на музиката и културата во неколку италијански весници, а истите области ги третира и во електронските медиуми – радиото и телевизијата.
Неговата писателска кариера започнува во 1988 година со опширниот есеј за делото на Росини, “Генијот во фуга”. Следи уште еден есеј посветен на музиката, “Душата на Хегел и кравите од Висконсин” (1992), а потоа и неговиот романсиерски опус, кој стартуваше со деби-романот “Замоци на гневот” (1991), а успешно продолжи со “Океан, море” (1993), “Новеченто” (1994), “Свила” (1996), “Сити” (1999), “Без крв” (2002), “Оваа приказна” (2005), “Емаус” (2009).
“Мистер Гвин” (2011) е неговиот најнов роман, кој за кратко време е преведен на многу јазици.

Во “Мистер Гвин”, како и во другите негови романи, италијанскиот автор Алесандро Барико на свој автентичен начин ни раскажува една исклучително интересна приказна. Џаспер Гвин е познат англиски автор, кој одеднаш решава да се повлече од книжевната сцена. За таа цел почнува од својот живот да го отфрла сето она што му чкрипи, речиси сè. Ваквата негова потрага по тишината и самотијата се одвива преку единствената константа што му останала, книжевниот агент Том, кој се обидува да го врати на стариот пат. Но Гвин открива една нова раскажувачка интимност: сликањето зборовни портрети. Станува портретист, налик на сликар, меѓутоа слика со помош на пишаниот збор. Портретите на мистер Гвин се отелотворуваат во тишината, а целта им е да ја откријат суштината на портретираниот.
Барико не ја открива непосредно неговата постапка, туку преку подробности и со помош на споредните ликови. Меѓу нив, оној што молкум ги придвижува нишките на романот е стариот производител на светилки што Гвин ги ползува за да си обезбеди осветлување при сликањето на портретите. Старецот изработува светилки на кои им дава форми и имиња небаре се живи личности. Гвин одбира осумнаесет светилки „Катерина де Медичи“, а кога старецот го прашува каков вид светлина би сакал, му одговара со еден збор: „детска“. Портретите треба да ја вратат невиноста што се губи со искуството.
Романот е повеќеслоен, а самиот Барико вели: „Она што е навидум проникливо лежи во подробностите што само јас ги разбирам. Затоа има редови што вредат повеќе од целата книга, но читателот не може да ги забележи. Небаре во книгите го создавам сиот пејзаж, ја создавам приказната, за потоа да ги скријам ваквите фрагментчиња.“

You May Also Like