Денес (четврток, 16.02.2012 година), со почеток во 12:00 часот ќе биде отворена изложбата „Народен вез“ во Малата сала, во НУ Завод и Музеј – Битола, а автор на истата е Наде Геневска Брачиќ.
Народниот вез е традицонално културно наследство претставено низ ликовниот израз на текстилот. Ова богато духовно творештво, изразено преку човековите сфаќања во времето во кое што е создаванo, имало суштествена улога во формирањето на македонската народна носија.
Главен носител на колективните знаења и умеења во изработката на облеката и везот е жената, која ги почитувала усвоените естетски идеали и канони специфични за секоја заедница.
Во оваа изложба ќе бидат презентирани везови од ракави, поединечни делови од носии – кошули, шајаци, сагии, даркми, ракавчиња, обруси и сокај, припаѓаат на Брсјачката етнографска целина,во кои спаѓаат етничките предели: Горни битолски села, Цапарско поле, Битолско поле, Прилепско поле, Подмариовски села, Мариово, Моштенски села Демирхисарско, Кичевско, Смилево. Отстапување од везовите на оваа етнографска целина ќе претставуваат неколкуте мијачки везови на ракави од село Галичник.
Сочуваните и презентирани примероци на вез во оваа изложба се мал дел од богатото народно творештво и потекнуваат од крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога везбената традиција заедно се народната носија постепено се транформира и напушта.
Везовите од Брсјачката етнографска целина кои се застапени на изложбата се издвојуваат по својата геометриска орнаментика. Најзастапени се геометрискитe форми и стилизиранитe вегетабилни мотиви, иако поретко се среќаваат и стилизирани зооморфни и антропоморфни мотиви. Везовите се изработени во различни техники на везење, кои остануваат како колективна меморија на наследството.
Сочуваните примероци на везови во колекцијата на носии во музејот стануваат значаен симбол на културниот идентитет на одредена потесна или поширока културна заедница.