Изложба „Скопје, 26 јули 1963“ во Музеј на Град Скопје

По повод 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, што се случи на 26 јули 1963-та година (петок,вчеравечер), во Музејот на град Скопје, беше отворена изложба која претставува завршница на неколку настани поврзани со одбележувањето на годишнината, коишто Музејот ги организираше во текот на првата половина од оваа година. Автор на изложбата е Зоја Богдановска, виш кустос историчар.

50 godini od zemjotresot muzej na grad skopje 3

Во конципирањето на изложбата се вклучени и кустосите од одделенијата за етнологија, археологија и ликовна дејност на Музејот на град Скопје. Изложбата за отворена ја прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој во рамки на отворањето на изложбата на претставниците на меѓународната заедница, присутни по овој повод во Скопје, им додели благодарници за помошта што му ја дадоа на градот во далечната 1963-та година.

– Денес, 26 јули 2013, Градот Скопје и неговите жители одбележуваат 50 години од трагичниот Скопски земјотрес. Земјотресот во Скопје, го разори Скопје , однесе многу животи и остави лузни,пустош и тага зад себе. Откако веста за оваа катастрофа го обиколи светот, меѓународната заедница, односно сите земји во светот, ја започна акцијата за помош. Но, и по сета таа катастрофа, човечките вредности, хуманоста, солидарноста, меѓуетничкиот соживот дадоа импулс за интензивирана градителска посветеност и помош за развој и истите беа на највисоко ниво, во размери невидени дотогаш во историјата. Скопје стана град на Интернационалната солидарност. Затоа и денес, 50 години потоа, овде во Музејот на град Скопје, кој е нем споменик на тоа време, се навраќаме и се сеќаваме на тој настан кој е врежан во историјата на нашиот град. Од правта на земјотресот во еден кус период се подигнаа нови населби и објекти од јавен карактер, со несебична помош на народи и влади на држави од сите меридијани на светот. Се врати оптимизмот и надежта на овој град , а собраниот и обединет свет, со неизмерна верба и љубов, помогна во градењето на новото Скопје, кое стана симбол на човековата пожртвуваност, хуманост и солидарност. Во изградбата на Скопје учествуваа сите националности, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Евреи, Срби, Хрвати, Бошњаци, Црногорци и други, рамо до рамо, едни со други од утро до мрак. Градот Скопје не запре и нема да престане да се развива како урбана средина, и во естетска, и во функционална смисла, затоа што пред нас се нови предизвици за создавање инфраструктурни услови за подобар живот на граѓаните на Скопје од сите националности. Токму затоа сметам дека овој ден е симбол на почетокот на модерната урбанизација, на фаќање чекор со современите текови на европската архитектура. Ја користам оваа можност од мое име, како градоначалник на Град Скопје и од името на жителите на Скопје, да им се заблагодарам на земјите кои дадоа живот на опустошеното Скопје. Воедно сакам да се заблагодарам и на сите жители кои со својата хуманост спасија и извлекоа многу човечки жртви од под урнатините, некои од нив тогаш деца, а денес возрасни граѓани, кои сведочат за една од најголемите природни катастрофи на човековото постоење, рече градоначалникот Трајановски.

50 godini od zemjotresot muzej na grad skopje 2

Изложбата низ предмети и фотографии ни го пренесува земјотресот низ неколку сегменти, почнувајќи од првите мигови по катастрофата, сè до изградбата на првите монтажни населби во коишто, пред почетокот на зимата, беа сместени бездомните скопјани. Изложбата е збогатена со музејски експонати сместени во витрини и во неколку амбиенти конструирани на локации во Музејот. Во изложбата се презентираат и предмети од времето на земјотресот, подарени на Музејот од наши сограѓани.

50 godini od zemjotresot muzej na grad skopje 4

50 godini od zemjotresot muzej na grad skopje 1Благодарение на соработката остварена со Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет – Скопје, и на соработката со Кинотеката на Македонија, Црвениот Крст на град Скопје, како и Амбасадата на Шпанија, Амбасадата на Бугарија и Генералниот конзулат на Кралството Данска, изложбата е збогатена со предмети што ја надополнуваат приказната за скопската трагедија.

Веднаш по отворањето на изложбата, поворката од присутни гости од државава и од странство, по улицата Македонија се упати кон Плоштадот Македонија, каде што се одржа централниот мултимедијален настан, со што беше одбележана 50-годишнината од земјотресот.

You May Also Like