Изложба на слики од Томо Шијак во Куманово

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје  и Министерството за култура на Република  Македонија, веќе петта година по ред го реализираат проектот  “Кич, да!?/ Сте или не?/”.

Идејата на проектот произлезе во 2008 година со цел  ликовното творештво, пристапот кон богатството на бројните збирки во националните институции, како и проследувањето на творештвото на одделни домашни автори, да не биде привилегија само на делот од ликовната публика концентрирана во главниот град на државата, туку тоа да стане возможно за најшироката ликовна публика во Република Македонија. Истовремено, преку претставувањето на врвните дострели во творештвото пред публиката се отвора приодот кон секојдневната дилема: „кич да или не” и како да се направи дистинкцијата помеѓу она што е вистинска уметничка вредност и се поприсутниот кич. Помош и сугестија во вистинската насока е посетата на овие изложби.

Овој проект на големо задоволство наиде на соработка и од институциите, музеите и галериите на повеќе градови од Македонија. Затоа годинава во договор со Министерството за култура, предлагаме да се реализираат следните изложби:

– Изложба на слики од Томо Шијак

– Изложба на слики од рачно изработена хартија, на Симон Шемов

– Изложба на слики и скулптури на Владо Георгиевски

Проектот започна со изложбата на Томо Шијак, која се отвори на 17 април 2012  година, во галеријата “Безистен” во Штип. На 27 април 2012 година,  изложбата на Томо Шијак ќе биде отворена  во Уметничката галерија во Куманово во 19:30 часот.

 

ТОМО ШИЈАК е роден 1930 година, починал 1998 година.

Уште од најрана младост кај него се јавува огромен интерес за ликовно претставување на сопствените опсервации. Фасцинираноста од ликовниот феномен многу рано ја одредува неговата професионална определба на која и останува доследен до крајот на својот живот. Немирниот и љубопитен дух го вбројува меѓу авторите со најмногу ликовни ставови.Следствено на тоа е и протагонист на најсовремените светски трендови. По завршувањето на средното уметничко училиште во Скопје, студира ликовна уметност во Љубљана, а потоа бил на студиски престој во Париз. Шијак творењето го сваќал пред се како мисловен процес со што, откако ќе ја осмисли идејата до најситниот детал, пристапувал кон реализација на истата.Често пати под силен набој на инспирацијата сликал и во раните утрински часови, а потоа особено уживал во првичните реакции за насликаното од страна на најблиското семејство, а потоа и пошироко.

You May Also Like