Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, вечерва (вторник, 24 април 2012 година), со почеток во 20:00 часот, ќе се отвори изложбата на Маријана Шијакоска, насловена „Вечниот пат кон совршенството“.
Младата уметница Маријана Шијакоска својата инспирација ја црпи како личен предизвик во своите дела од небото. Токму небото е извор на светлината и во природата владее над се што постои. Независно кој дел од денот да е – утро или пладне, дали е сино или пак со разлетани облаци, таа ги прикажува сите изблици и форми, со што небото ни го доловува како некој магичен круг. Преку своите фотографии, скици и графики го забележува, овековечува моментот на небото и на облаците откривајќи ги пред нас онака како што таа ги согледува. Облаците кои ги претставува во своите графики, објекти, будат една интимна сензација додека се набљудувани од посетителите и пренесуваат чувство на моментална визуелна слика на фасцинантни поими карактеристични за секое облаче.
Авторката преку својата лична импресија, сите тие форми на облаците во зависност од состојбата на денот ги пренесува на своите графики; менливите “расположенија” на облаците со што ги согледуваме разните ликови, случки, емоции, по некоја заборавена приказна… во зависност од времето на денот, облаците се различни, некогаш се еднолична сива, густа маса, а некогаш се разиграни случки. Небото е сосема различно над градот, над морето, над планините, различно е изгрејсонцето, зајдисонцето со што и облаците ги менуваат своите форми. Сето ова допринесува Маријана различно да ни ги презентира своите импресии на облаците, преку боите што ги рефлектира периодот на денот, со тоа се менуваат и формите, рефлексиите стануваат поинтензивни и секако главниот причинител е сонцето во однос на топлината на зраците и делот од денот кој е забележан на фотографијата, а потоа пренесен на графичкиот лист.
Преку објектите и графиките, авторката не внесува во својата мистерија на нештата и следејќи ги различните форми на облаците и на небото, се запрашува што навистина има таму во непознатото а сепак толку блиско и секојдневно? Во своите графики таа воспоставила навистина еден вид на магична атмосфера презентирајќи ги облаците како средби на небото во најразлични делови на денот. Преку нивната игра и симболи ни ги покажува нивните однесувања во просторот и сите тие стануваат блиски со што останува во релацијата – човек – небо; реалното – магијата.
Кустос на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос. Изложбата ќе ја отвори г-а Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија.