Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, денеска (4 септември 2013, среда) во 20:00 часот ќе се отвори самостојна изложба на младиот автор Димче Димески, со наслов „Критична маса ~ Првиот бран“.
Проектот на Димески е дело замислено како амбиентална просторна инсталација од повеќе елементи – објекти поврзани со минијатури. Употребува различни материјали- жица, плексиглас, дрво, стиропор, електронска опрема…
Употребувајќи различни секојдневни материјали, дава визија на една матрица на град каде што секој гледач може да се поистовети како дел од него, активна единка која може да придонесе кон промени за една обнова на свеста на глобално ниво… Секој еден, како дел од масата, може да биде во состојба на иницијација или инкубација. Изборот е личен, зависно од желбата да го прифати или одмине тој бран, енергетско одвојување од општо дефинираната матрица. Интензитетот на контактот, учеството и ефектот е субјективен. Оваа инсталација, не води кон поттик на лично преиспитување (што да биде фундаментот на нашите размисли?) и проценување на просторот во кој – каде? се наоѓаме. Со цел, ослободување на свесен импулс кон една трансмутација.
Уметникот Димче Димески (1988), дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „ Св.Кирил и Методиј“, Скопје, на катедрата по вајарство, во класата на Беди Ибрахим. Член е на ДЛУМ од 2011 година. Како еден од основачите на уметничката група „ЅЕЕ“ во 2012 година, тој е нејзин активен член и учесник во сите проекти. Во 2012 година е добитник на традиционалната награда од ДЛУМ за скулптура мал формат „ Димо Тодоровски“
Одговорен кустос на изложбата е Елена Георгиевска.
Изложбата ќе биде отворена до 15 септември 2013 ( недела).