На 9 септември (вторник) во Serious Interests Agency (улица Ѓорѓи Пешков 6 / прв кат) во 20:00 часот ќе биде отворена изложба на Аљбан Муја „Именување“. Изложбата ќе биде отворена до 5 октомври 2014.
Под влијание на општествените процеси и ефектите на фрагментацијата, постепено и паралелно со крупните општествени промени на овие простори почнувајќи од 1990-тите, активниот творечки субјект кој се бори за продолжен живот и по неговата теориска смрт, и уметноста која се занимава со т.н. мали наративи и лични приказни, наместо како повлекување под притисокот на општествената стварност, конечно повторно се видени низ призмата на уметникот, како потреба за алтернативна, (полу)отворена критика на општествените релации. На тој начин се поставени низа сложени и важни прашања за границата на личното (индувидуално) и заедничкото (колективно), релации кои најчесто остануваат недефинирани и во процес на постојана промена.
Аљбан Муја (*1980), според многумина, е еден од најзначајните современи уметници од Косово, кој припаѓа на помладата генерација што се занимава со критичко преиспитување на сложените, бавни и проблематични процеси на општествената трансформација. Во случајот на Муја, посебно проблемот за именувањето останува еден од централните интереси уште од неговите почетоци („Ослободи го умот“, 2004).
Изложбата „Именување“ се состои од неколку одделни проекти на Муја обединети под интересот за феноменот на именувањето: „Мое име, нивен град“ (2012), серија од седум фотографии на кои се прикажани личности од Косово именувани по градови во Албанија; „Тониевци“ (2010), фотографија на која се прикажани девет момчиња родени во и по 1999 година на кои им е дадено име Тониблер, по тогашниот британски премиер Тони Блер, доживеан како еден од главните заштитници на косовските Албанци за време на војната во Косово, како и двете видеа, „Палестина“ (2005) и „Тибет“ (2009), кои се документирани лични сведоштва за нивното именување. Сите претставени дела, доволно зборуваат за фасцинацијата на Муја со феноменот на именувањето, но од различни аспекти и во различен контекст. Третирани низ различни медиуми и врз различни индивидуални приказни, стануваат појасни и поединечните мотиви за именувањето во секоја одделна „приказна“. Тоа ја нагласува важноста на навидум едноставното преврамување низ призмата на уметникот и ја оправдува функцијата на конкретната интервенција преку избраниот медиум, дури и кога таа е минимална.
Преврамувањето на личните приказни поврзани низ повеќегодишниот интерес на Аљбан Муја за феноменот на именување и уметниковата „колекционерска“ интервенција, покажуваат како личното се проблематизира и ре-тематизира (и се окрупнува) како општествено релевантно прашање. Имено, два од проектите на Аљбан Муја тематски поврзуваат две историски точки, две историски трагедии: едната е невозможноста на Албанците да ја преминат „идеолошката бариера“ помеѓу комунистичка Албанија и Косово кое е составен дел од социјалистичка Југославија (во периодот 1948-1991), а другата, онаа на Косово која кулминираше во 1999 година и која е претворена во триумф преку долгоочекуваното ослободување. Причините за поврзувањето на места и личности може да се различни: благодарност, носталгија, неможноста да се посети родниот град. Во случајот на серијата „Мое име, нивен град“ преку сите овие индивудуални одлуки за именување на своите деца по родните градови или, пак, омилените, може да се види индивидуалниот копнеж (на оние што се отсутни од сликата) за уривање на бариерите, а не колективна визија која моментите на страдање би ги претворила во триумфализам или националистички амбиции. Токму тука, Муја го отвара за преиспитување просторот помеѓу колективната, историска и индивидуалната, човечката страна на сонот за единство, што се спротивставува на идејата за груба освојувачка визија базирана врз интерпретација на историјата.
Сезгин Бојник во неговиот осврт за Муја забележува дека во неговите дела се работи и за „раскинување со инструменталистичката концепција на косовскиот идентитет“2 и одбивање да се комуницира на полето на идентитетската политика. Но, сепак, овде може да се додаде дека не станува збор само за едноставно одбегнување, туку обид за суспензија на конфликтноста и верба во можноста за алтернативен пристап кон проблемот. И покрај повеќедецениските ламентации за крајот на уметноста и проблематизирањето и оспорувањето на нејзината функција и ефективност, може да се забележи дека феномените како овој што го привлекло вниманието на Муја, соодветно третирани и сублимирани низ уметничкиот дискурс, можат да бидат реформулирани и извлечени од „рубриката занимливости“ и пренасочени кон понатамошни рефлексии за подлабоките структури кои се во основата на овие феномени.
Секој медиум има сопствена логика и сопствена историја, кои ги дефинираат параметрите на „обраќање“ – во визуелните медиуми реториката на сликата во двојна смисла, како што ја дефинира В. Џ. Т. Мичел преку прашањата „Што ни кажуваат сликите?“ и „Што да се каже за нив?“3 – и комуникативноста (сензибилност и интелигибилност) на визуелната содржина низ избраниот медиумот (можности, ограничувања и ефекти) во компарација и содејство со други медиуми. Виктор Баргин, еден од позначајните теоретичари на фотографијата по концептуалната уметност, префрлајќи ја гринберговата модерна концепција за „специфичност на медиумот“ на полето на фотографијата (а и видеото) дефинирани преку „апаратот“ (технички, но и системски), го отвара медиумот за дополнителна авторефлексија, но истовремено и за радикална критика на институциите на системот кои го дефинираат медиумот и ефективноста на содржините. Тоа е нешто што во сериозна смисла е централен интерес на проширеното поле на науката за сликата, каде за својата обнова се обраќаат и науките за уметноста. Посебно денес, во ерата на енормна продукција во доменот на визуелното и после т.н. „сликовен пресврт“ се прават обиди да се излезе од сенката на лингвистичкиот бран и да се намали неговото толкувачко влијание, бидејќи станува појасно дека е запоставена „иконичката логика“ што е предмет на интерес на новата теорија на сликата.
Како што и самиот Муја неколкупати има изјавено, медиумот не е во неговиот фокус, туку она што се тематизира и проблематизира. Сепак, изборот на фотографијата и видеото во неговиот случај се оправдани преку начинот на кој функционираат, со фронталната поставеност и директното обраќање, поставувајќи ги најнеопходните параметри за другите да проговорат и/или бидат видени низ медиумот. Тој непретенциозно останува на границата на разрешувањето и не наметнува одговор (најчесто не постои едноставен начин тоа да се стори) туку отвора простор проблемот да стане видлив и подложен на континуирано преиспитување.
Иако проблемот на именувањето во делата на Аљбан Муја се однесува на локални косовски феномени, нивното претставување во Македонија, случајно и ненамерно, но сепак соодветно, отвораат простор за неодговорените прашања кои се врзани за идентитетот, личен и колективен, како и можностите за нивно разрешување или, пак, помирување со неможноста тие да се разрешат на начините кои досега биле понудени.
Изложбата на Аљбан Муја во Агенцијата за сериозни интереси (SIA) во Скопје е важна и заради фактот дека со ова се отвора можност за интензивирање на соработката со уметничката сцена на Косово. Тоа е особено важно во услови кога, за жал, не е забележливо присуството на албански уметници во Македонија кои поангажирано се занимаваат со општествените феномени, што секако негативно влијае на развојот на поинтегрирана уметничка сцена и разбивање на меѓуетничките бариери. Наместо дискусијата за присуството на албанските уметници на ликовната сцена во Македонија да се сведува на обиди за процентуално присуство во програмата на националните галерии и воглавно да остане во строгите институционални рамки и традиционалното поимање на уметноста, оваа изложба оди во насока на потенцирање на еманципаторските потенијали на новите уметнички практики насочени кон отворено, необременето и критичко преиспитување на посебните национални идентитети, а особено во функција на сузбивање на обидите за етничка демаркација и херметизација.