Избрани уметнички дела од 54 автори на првиот конкурс за откуп

Уметнички дела од вкупно 54 автори избрани на првиот конкурс за откуп на Министерството за култура …

05 otkupДела од 54 македонски автори се избрани на првиот конкурс за откуп на уметнички дела, кој Министерството за култура го објави на крајот на 2013 година.

– Откупот на уметничките дела е една од стимулативните мерки со кои имавме интенција да го збогатиме националниот фонд на дела, да го поттикнеме домашното уметничко творештво и да ја афирмираме уште понагласено улогата и статусот на авторот, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција во објектот „Порта Македонија“. Таа потсети дека неодамна беа објавени и резултатите од конкурсот за откуп на музички композиции кој ќе овозможи трикратно зголемување на продукцијата на музичките дела од областа на класичната музика во Република Македонија, како и резултатите од конкурсот за странски издавачи преку кој се обезбедува промоција на македонското литературно творештво во меѓународен контекст.

04 otkup

03 otkup

На конкурсот за откуп на уметнички дела до Министерството за култура пристигнаа вкупно 228 пријави за 605 дела кои беа разгледани и оценети од стручна комисија во состав: Викторија Васева–Димеска, Захаринка Алексоска-Бачева, Маја Неделкоска-Брзанова, Сафет Ахмети и Конча Пирковска.

Според јасно утврдените критериуми и потребите на институциите, комисијата изврши избор на дела на 54 автори кои дале исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, автори потврдени промотори, иницијатори на одредени појави, движења и стилови во националната ликовна уметност, уметници кои учествувале на значајни групни изложби или манифестации во земјава и во странство, како и дела од млади уметници со истакнат ликовен израз.

01 otkup

-Во интерес на времето, дозволете ми да ви споменам само дел од авторите чии дела ќе бидат откупени во овој прв конкурсен рок: Ристо Калчевски, Томо Шијак, Лена Стефанова, Тоде Ивановски, Методија Ивановски-Менде, Григор Чемерски, Вељо Ташовски, Симон Шемов, Милош Коџоман, Рубенс Корубин, Антони Мазневски, Ацо Станковски, Томе Аџиевски, Жанета Вангели, Решат Амети, Благоја Маневски, Дита Старова, Атанас Ботев и многу други уметници од РМ, истакна Канческа-Милевска.

Министерката за култура информираше дека деновиве ќе биде објавен конкурсот за откуп на уметнички дела за 2015 година и апелираше уметниците да ја достават целосната документација што се бара во конкурсот затоа што поради нецелосна документација на првиот конкурс не биле прифатени апликации и на реномирани уметници.Канческа-Милевска потсети дека двојно е зголемен буџетот за ликовна дејност за наредната година во однос на 2014-та и дека нема да изостане и поддршката за претставување на македонските автори на познатите манифестации во странство, во културно-информативните центри во Софија и Њујорк и за престојот во ателјето во Париз.

-Верувам дек на овој начин уште повеќе ќе ги стимулираме македонските уметници да создаваат дела кои квалитетно ќе го градат историскиот континуитет на современото национално македонско творештво. Наша обврска е да водиме грижа за актуелното творештво и културното наследство кое го поседуваме како држава и да создадеме услови за помасовна дистрибуција и рецепција на културните вредности на македонската уметност од страна на нашите граѓани и посетителите од странство, рече Канческа-Милевска.

На прес-конференцијата беа присутни и дел од членовите на стручната комисија која ги избираше делата, како и дел од авторите чии дела ќе бидат откупени.

You May Also Like