Градоначалникот Коце Трајановски, и министерот за животна средина и просторно планирање, Абдулаќим Адеми, денеска (понеделник, 16.09.2013 година) ги доделија наградите на најдобрите во конкурсот за избор на најуспешна фоторепортажа на тема заштита на озонската обвивка, што Градот Скопје и Министерството за животна средина го организираа по повод 16 Септември – Меѓународниот ден за заштита на озонската обвивка.
Задача на учесниците во конкурсот, според пропишаните критериуми, беше да се подготват фоторепортажи за добри и лоши примери на уреди за ладење поставени на фасадите на објектите во Скопје. Така, првата награда на овој конкурс отиде во рацете на Снежана Домазетовска, која доби фотоапарат. Втората награда (клима уред) ја доби Љупчо Илиевски, а третата награда (стручна литература) му припадна на Ангел Ситновски.
– Ми претставува особено задоволство што овој ден годинава го празнуваме во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање со кое Градот Скопје во сферата на активностите за заштита на животната средина и природата има одлична институционална и колегијална соработка. Ќе напоменам дека за првпат човекот го осознал постоењето на озонската обвивка на почетокот на 20 век, но не бил свесен дека полека но сигурно ја губи како последица на својот развој и однесување. Со примената на насоките на познатиот Монтреалски протокол за супстанциите што го оштетуваат озонскиот слој човештвото успеа со помош на науката да изнајде замена за најголем дел од овие супстанци и да го трасира патот кон намалување на штетните влијанија врз озонската обвивка и нејзино натамошно подобрување. Република Македонија на ова поле има завидни резултати, преку сите активности што повеќе години ги презема Министерството за животна средина и просторно планирање, преку носење правни акти и правилници, изготвување брошури, обуки и сл. Градот Скопје, во рамките на своите надлежности и можности, е подготвен за секаков вид соработка и секогаш е отворен за заеднички настани, како што е денешниов, свесен дека со многу различни активности се гради заедничката национална политика во рамките на поставените национални цели во областа на заштитата на животната средна и природата. Ја користам можноста да им се обратам на сите граѓани при изведбата на објектите да применуваат современи разладни системи со што ќе се надминат проблемите со актуелните начини на ладење. Со тоа сите ќе го дадат и својот личен придонес, надвор од институционалните активности, за заштита на озонската обвивка, а со тоа и на опстојувањето на животот на нашата планета – рече денеска градоначалникот Трајановски.
Министерот Адеми во своето обраќање пред присутните нагласи дека нашиот пат кон закрепнување на озонската обвивка е трасиран пред 16 години со формирањето на Канцеларијата за заштита на озонската обвивка, при МЖСПП.
– Во контекст на последните трендови интензивно работиме на редукција на групата на HCFC соединенијата кај директно засегнатите чинители, сервисерите на разладни уреди. Со цел да обезбедиме одржливост на целата акција организираме обуки на професорите од средните училишта каде што процесите на ладење се дел од наставната програма. Обезбедена е и опрема за собирање и рециклирање на разладните средства која ќе биде доделена на сервисерите кои се обучени на добри практики во сервисирањето на разладни уреди. Сите активности се покриени со адекватна правна рамка комплетно усогласена со препораките и легислативата на ЕУ – истакна министерот Адеми.