Избор поезија од Оскар Давичо во издание на „Везилка 2011“

Во издание на „Везилка 2011“ излезе од печат стихозбирката „Покривот на луњата” – обемен избор од поезијата на Оскар Давичо, еден од водечките српски и југословенски поети на 20-от век (1909-1989).

Објавувањето на изборот од поезијата на Давичо на македонски јазик се совпаѓа со 105-от роденден на поетот. Изборот, препевот и поговорот кон стихозбирката го направи Ристо Лазаров.

Нагласувајќи дека Давичо е еден од ретките поети на ХХ век, кои најдалеку ги поместија границите на српската и на југословенската поезија, Лазаров посебно го издвојува она што е најважно во поезијата: виртуозната употреба на јазикот, што придонесе Оскар Давичо да остане запаметен како „поет со силна имагинација и голема експресивна сила, склон кон поетската игра и експериментот“.

Давичо беше најмладиот поет во познатиот белградски надреалистички круг пред Втората светска војна. Објавил десетици книги поезија, раскази, романи, есеи. Добитник на најзначајните награди за литература и општествени призанија во тогашна Југославија.

You May Also Like