Зоран Попоски учесник на меѓународен уметнички фестивал во Словенија

Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски учествува на меѓународниот уметнички фестивал Артстејс во Птуј, Словенија, кој ќе биде отворен од 24 јули до 1 септември 2013 година.

ARTSTAYS 11 2013

 

На единаесеттото издание на овој фестивал учествуваат уметници од 26 земји, меѓу кои од САД, Италија, Велика Британија, Белгија, Мексико, Чиле, Кина, итн. Како што истакнува уметничкиот директот на фестивалот Јернеј Форбици: „Во 2012 ја одбележавме нашата десетгодишница и одигравме значајна улога во Европската престолнина на културата Марибор 2012. Минатата година фестивалот го посетија над 25.000 гледачи, а годинава се надеваме на уште поголем број. Во 2013 фестивалот вклучува проекти кои ги оцртуваат тековните состојби во светот на современата уметност, а особено визуелната, чија заедничка нишка е разновидноста на современата уметност во светот.

Попоски се претставува со видео делото “Атлас” за кое оригиналната музика ја изработи електронскиот музичар Херцел, кое ќе биде прикажано на првиот дел од фестивалот на голем видео билборд во јавен простор. Видеото е дел од меѓународниот видео проект „Превод(и)“, кураторски проект на Лоренс Вуд (Велика Британија) и Зоран Попоски, во кое учествуваат десетина уметници од САД, Британија, Австрија, Порторико и Венецуела.

Зоран Попоски (роден 1974, Скопје) реализирал повеќе од 60 меѓународни самостојни и групни изложби. Магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија, а негови јавни уметнички проекти се презентирани на ЛЕД екрани, постери и билборди во Њујорк, Скопје, Даблин, Хонг Конг, итн. Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.

You May Also Like