Зоран Попоски со видео проект во Данска

Видео проект од македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски ќе бидe прикажан на меѓународниот фестивал за современ танц, перформанс и уметност НОТ ФЕСТИВАЛ во Копенхаген, Данска, што ќе се одржи од 16-21 септември 2013 година во Данската национална школа за изведбени уметности.

Zoran Poposki Translation(s)

На петтото издание на овој фестивал креиран од 3RD CLASS CITIZEN, Попоски се претставува со видео делото “Атлас” за кое оригиналната музика ја изработи електронскиот музичар Херцел.

Видеото е дел од меѓународниот видео проект „Превод(и)“, кураторски проект на Лоренс Вуд (Велика Британија) и Зоран Попоски, во кое учествуваат десетина уметници од САД, Британија, Австрија, Канада, Порторико и Венецуела.

Видео проектот „Преводи“ својата премиера ја имаше пролетва во Хонг Конг, по што беше прикажан и на Меѓународниот фестивал за современа уметност Артстејс во Словенија.

Зоран Попоски (р. 1974, Скопје) реализирал повеќе од 60 меѓународни самостојни и групни изложби, меѓу кои во Берлин, Париз, Њујорк, итн. Магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија, а негови јавни уметнички проекти се презентирани на ЛЕД екрани, постери и билборди во Њујорк, Скопје, Даблин, Хонг Конг, итн. Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.Zoran Poposki Not Festival 2013

You May Also Like