Скопската зоолошка ја промовира жирафата во понеделник

Во понеделник (03.09.2012 година),во Зоолошката градина ќе се одржи мала пригодна забава по повод пуштањето во употреба на новоизграденото живеалиште за жирафа – донација од градот Скопје, како и јавна промоција на младиот мажјак – жирафа по име Орка, донесен од  Зоо Берлин – донација на  Орка Холдинг/Фондацијата Илија Камчев, со почеток во 11:00 часот.


Свеченоста ќе ја отвори со сечење на лентата и пригоден говор, градоначалникот на градот Скопје, Коце Трајановски, како и господинот Орце Камчев, претставник на групацијата Орка. Господинот Камчев е главниот донатор и кум на новата егзотична атракција и пријатно дополнение на збирката од ретки диви животни од далечните земји.

Интересно е да се нагласи дека во градината повеќе од 40 години наназад, жирафата како вид не е застапена на понудата од ретки животни на градината и ова е посебна можност на помладите генерации во живо да се запознаат со ова карактеристично и фантастично диво животно од црниот континент.

Како дел од тековната едукативна програма што Зоолошката Градина – Скопје на најмладите им ја нуди, во соработка со Центарот за креативен развој и МАССУМ, ќе продолжи работилницата – цртање на животни, при што планирана е интересна и содржинска работилница за деца – цртање и изработка на жирафа.

Во продолжение на работилницата планирано е и промовирање на првиот портал за децата и животните кај нас и во регионот, под името МалиАниМали.

Покрај претходно наведените активности тековно посетителите ке имаат прилика да го проследат настапот на Уличните музичари и артисти на Град Скопје, магионичари, куклар и друго, фестивал „Поточиња“, како и ликовното студио при Детскиот културен центар – Карпош.

Влезот во Зоолошката Градина Скопје тој ден ќе биде бесплатен.

You May Also Like