Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, заедно градоначалниците на општините Штип и Карбинци, Илчо Захариев и Зоран Минов, и директорите на националните установи од областа на културата во Штип вчера (среда 3 јули) го посетија археолошкиот локалитет „Баргала“, каде што по 45 години е воведена електрификација.
Исто така, министерката ја посети и црквата „Св. Ѓорѓија“ која датира од IX век. По реконструкцијата на покривната конструкција, завршене е и конзервацијата на фрескоживописот кој потекнува од единаесеттиот век, а внатрешноста на црквата е електрифицирана.
„Со електрификацијата, во наредниот период локалитетот ќе се осветли и со тоа ќе се подобрат условите за работа на археолозите, конзерваторите и на стручниот кадар на локалитетот, ќе се зголеми безбедноста на самиот локалитет и ќе се овозможи да се организираат разни мултимедијални културни активности. Верувам дека реализацијата на проектот ќе придонесе и за развој на археолошкиот и на културниот туризам во овој регион“, изјави за медиумите Канческа-Милевска.
Претходно министерката Канческа-Милевска се сретна со директорите на националните установи од областа на културата при што го изрази своето задоволство од досегашниот тек на реализацијата на проектите поддржани во рамките на Годишната програма на Министерството за култура.
„Задоволство ми е што 80 отсто од програмата што се финансира од Министерството за култура веќе е завршена. Разговаравме и за приоритетите за следната година“, изјави министерката Канческа-Милевска.
На средбата со градоначалникот Захариев, пак, беа разменети информации и идеи за соработката во областа на културата, а беше договорено наредната година општината да аплицира со проект за реконструкција на куќите во штипско Ново Село. Меѓу приоритетите на Министерството во 2014-та ќе биде и конзервацијата на сите икони во „Галеријата на икони“ во црквата во Ново Село.