Звонко Танески: Потребна е поиздржана стратегија за пласман на нашите културни вредности во странство

Звонко Танески е поет, книжевен критичар, есеист, преведувач и универезитетски професор. Неодамна беше избран за почесен член на словачкиот ПЕН центар, а црногорскиот поетски фестивал „Барски летопис“ организираше посебна вечер посветена на неговото творештво.

zvonko_taneski

Двата настана беа повод со Танески да разговараме за поезијата, преводите, фестивалите, размената на искуствата и пласманот на нашата култура низ светот.

Како ја примивте веста за почесното членство во словачкиот ПЕН центар?

– Веста беше многу пријатна. Драго ми е навистина што словачкиот ПЕН центар ги зел предвид сите мои досегашни домашни и меѓународни остварувања од областа на книжевната наука, на лингвистиката, на преводот и на поезијата, па така, вреднувајќи ги објективно сите нив се случи да влезам во престижното и ретко друштво на странски почесни членови во словачкиот ПЕН центар заедно со Барбарели Спиелвогел од САД, Јирзи Кронхолд од Полска, Павел Павел од Чешка и со поранешниот претседател на Чехословачка и познат драматург – Вацлав Хавел. Сакам да верувам дека моето почесно членство во словачкиот ПЕН центар ќе претставува и импулс за уште поголемо раздвижување на македонско-словачките литературни, преведувачки и општо филолошко-научни релации во иднина. Затоа, членството го сметам на некој начин и како предизвик и како поттик за понатамошна работа.

Со какви впечатоци се вративте од фестивалот „Барски летопис“ во Црна Гора и вечерта посветена на Вашето творештво?

– Престојот во Бар за мене беше во најмала рака инспиративен. Атмосферата на фестивалот беше многу пријатна, пријателска, срдечна. Мојата книжевна вечер пред дворецот на царот Никола помина прекрасно, настанот беше и медиумски многу добро покриен, а домаќините беа едноставно неприкосновени. Многу позитивно сум изненаден од целиот третман со мене како автор, од културната програма која беше специјално организирана во моја чест и од љубезноста на сите луѓе вклучени во организацијата. Мислам дека во Бар стекнав мошне драгоцени и искрени пријателства, го наполнив духот со позитивни впечатоци и импресии, а сето тоа е и еден багаж за понатамошен развој на благородната мисија на целото наше уметничко творештво – да зближува и да обединува. Да нè прави уште подобри луѓе и уште поголеми професионалци. Тоа се, всушност, две девизи кои и за нашата бранша се подеднакво важни..

barski_letopis_zvonko_taneski

Што за еден поет/книжевник/преведувач значат фестивалите?

– Фестивалите првенствено значат оддавање почит и прослава на пишаниот збор, апотеоза на различните јазични светови, но и убава прилика за средба со колеги, познајници и истомисленици, кои доаѓаат од различни култури и држави. Таквите средби се често и многу плодотворни поради разменувањето искуства, дела и контакти. Дружењето е на таквите фестивали, се чини, најголемиот императив за мене. Поезијата може да се прочита и од книга, и на Интернет, меѓутоа личните релации се навистина ненадоместливи и токму тие знаат и најдобро да ни ја збогатат и да ни ја помилуваат душата.

Кој е Вашиот впечаток за годинашното издание на Струшките вечери на поезијата?

– И годинешното издание на СВП го гледам, пред сè, низ призмата на другарувањето и на разменувањето искуства. Мило ми е што годинава на фестивалот имаше многу млади колешки и колеги и од земјава и од странство, кои навистина ја држат во рацете иднината и на литературата, но и на фестивалите. Таквата фраза напати звучи излитено и декларативно, посебно кога ја искажуваат некои од постарите писатели, но во реалноста е тоа така. Сепак, и на ова педесет и второ издание на СВП имавме можност да се воодушевиме, меѓу другото, и од поезијата на добитникот на Златниот венец – поетот од Мексико – Хосе Емилио Пачеко, како и од многумина други домашни и светски реномирани поети, кои дојдоа во Струга да го испратат своето послание за еден похуман и попитом свет.

barski_letopis_zvonko_taneski_2013

Работејќи како преведувач, често имате можност за споредба на домашните со странските дела, на домашната со другите култури, имаме ли книжевност и култура која може да се носи со современите светските вредности и текови?

– Имаме, апсолутно, но, јас во повеќе наврати и од поодамна го нагласувам ставот дека нам ни е потребна поорганизирана, поосмислена и поиздржана стратегија за пласман на нашите културни вредности во странство. Сегашните книжевни пробиви во светот се повеќе индивидуални, што не мора да е лошо, бидејќи секој творец е во суштина индивидуалец и неговото дело согласно заслугите си го наоѓа порано или подоцна патот до читателите, без разлика на нивната националност, место на живеење или потекло.

zvonko_taneski_makedonsko_slovacki_komparativni_sogledbi

Меѓутоа, често имам впечаток дека и многу преводи на пораспространетите странски јазици што за дела од македонски автори се прават кај нас остануваат, за жал, во нашиот локален архивски ареал. Главната поента на преводите не е да се допише уште еден преведен јазик во биографијата на конкретниот автор поради зголемување на „личната слава меѓу своите“, туку е рецепцијата и допирот на тоа преведено дело во интернационалниот контекст. Затоа, се чини дека е крајно време, а станува и неопходно, да се отвори Фондација или Агенција за поддршка на преводи од македонски автори во странство, преку која самите странски издавачи ќе поднесуваат барања и апликации за средства. Потоа, истите тие странски издавачи ќе можат многу посоодветно и поквалитетно да ја обезбедат и дистрибуцијата и афирмацијата во културното милје на новиот културен контекст и со тоа и поревносно да придонесат за зголемувањето на рецепцијата и на побарувачката на македонските дела на европскиот и на светскиот пазар во новово време во кое живееме.

—————————————————-

Звонко Танески е роден на 12 март 1980 година. Доктор е по филолошки науки (Филозофски факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава), универзитетски професор (Факултет за странски јазици при Универзитетот ФОН во Скопје). Автор е на пет поетски збирки, на три научни монографии и на голем број лингвистички, литературни и културолошки студии. Објавуван е на англиски, италијански, словенечки, српски, хрватски, албански, бугарски, украински, есперанто и словачки јазик.

Дел од неговото творештво е публикувано или претставено на повеќе јазици во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Италија, Шпанија, Р. Ирска, Чешка, Полска, Русија, Словачка, Филипини, Индија и САД. Добитник е на повеќе книжевни и научни награди во Македонија и во странство. Редовен член е на Клубот на независни писатели на Словачка (од 2006 година) и на Независните писатели на Македонија и на Здружението на преведувачи на Македонија (од 2012 година). Автор е и на повеќе книжевни преводи.

 

Александра Јуруковска

You May Also Like