Уметници од Русија, Словенија, Германија, Италија, Турција, Бразил, Полска, Хрватска, Литванија, Унгарија, Канада, Албанија, Шведска, САД, Украина, Ерменија, Франција, Велика Британија, Кина, Аргентина, Србија, ќе ја одбележат богатата програма на годинешното 53-то издание на Фестивалот „Охридско лето“ 2013. Голем дел од уметниците за првпат доаѓаат во Македонија, а ги има над 840 на број.
Свеченото отворање на фестивалот,годинава резервирано за настапот на светски познатиот баритон, оперската ѕвезда од Русија, Дмитри Хворостовски. За гласот на Маестро Хворостовски светската критика вели дека „мириса на луксуз“. Тој вечерва ќе го разгори фестивалскиот оган од Античкиот театар, со Оркестарот и Хорот на Македонската опера и балет, под диригентска палка на Константин Орбелиан.
Во рамки на нашата најголема-музичко сценска манифестација, од вечерва (петок, 12 јули) се до 20 август Охрид ќе живее со уметноста, од вечерва ќе блеснат сцените на Атичкиот театар, на црквата „Св. Софија“ и нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и предворјата на хотелот „Палас“ и на основното училиште „Климент Охридски“. Тоа се местата каде ќе се случуваат сите овие атрактивни културни настани, во кои можност да уживаат ќе имаат сите вљубеници во уметноста, на она што претставува врв во уметноста во светски рамки.
Оваа година внимание ќе привлечат настапите на пијано дуото Корољеви, светски познатиот виолончелист Антонио Менезес, неповторливото виолинистичко име Немања Радуловиќ… Големите светски уметници веќе редовно се дел на „Охридско лето, со што само се потврдува високото реноме на манифестацијата, нејзиниот углед што го ужива во Светската фестивалска асоцијација, а Охрид го поместува меѓу дел од елитната светската уметничка сцена.
Вистински врв на годинешното „Охридско лето“ ќе биде настапот на светската атракција, гудачкиот квартет „Бонд“ со целовечерниот гала-концерт што ќе се одржи на сцената на Античкиот театар на 27 јули. Кога се театарските претстави во прашање, понудата ќе биде исклучително богата, со 11 театарски претстави, од кои речиси половината премиерни изведби.
Претставите „Мизантроп“ од Молиер во изведба на Турскиот театар од Скопје, „Спортска претстава“ според текст на нобеловката Елфрида Јелинек во изведба на „Џаст а маст“ театарот од Лондон, како и „Браќа Карамазови“ на Достоевски во изведба на Дубровачкиот театар „Марин Држиќ“, се само дел од годинешната театарска понуда, за сите вкусови и генерации, сето вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид.
Фестивалот за отворен ќе го прогласи претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, кој е и покровител на манифестацијата.