Започнува меѓународниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вечерва (петок, 19.7.2013) во Центарот за култура во Битола во 20.30 часот ќе се обрати на отворањето на првото издание на меѓународниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“ кој од 19 до 25 јули ќе се одржи во овој град.

bitola_shekspir_festival

Во Центарот за култура во Битола вечерва (19.7.2013 година) со почеток во 20.30 часот со претставата „Ромео и Јулија“ во режија на Дејан Пројковски, копродукција помеѓу „Вера Комирсажевскаја“ од Санкт Петербург и Народниот театар од Битола свечено ќе биде отворено првото издание на „Битола Шекспир фестивал“. На отворањето на фестивалот предвидени се обраќања на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на општина Битола, Владимир Талевски, со чија поддршка се реализира првото издание на фестивалот.

Македонската публика до 25 јули, ќе може да погледне шест различни уметнички театарски остварувања на престижните национални театарски куќи од Србија, Русија, САД, Финска и Kина, почнувајќи од монодрамата на Нина Салинен во нејзиниот генијален “Крал Лир”, се до спектаклот на Националниот театар од Пекинг – Ричард III, со која ќе се затвори фестивалот. Пред публиката ќе бидат прикажани и претставите Хенри 6 (прв дел) во изведба на Националниот театар од Белград, а во режија на Никита Миливојевиќ; Хенри 6 (трет дел) на Народниот театар од Битола и Бура од Лит Мун Театарот од Санта Барбара, Калифорнија, двете во режија на Џон Блондел. Исто така, на фестивалот во Битола ќе има многу значајни гости како што е Џиа Форакис од Њујорк која ќе одржи работилница ОТОА (one thought one action), а ќе се одржи и панел дискусија на тема „Шекспир Денес“ на која меѓу другите ќе учествуваат Том Брд – директор на Глоуб театарот од Лондон, Рандал Мартин – врвен шекспиролог и професор на универзитетот во Њу Брансвик во Канада, како и Рената Сотириани и Вјасчеслав Тресченко од театарот Таганка од Москва – Русија. Во рамките на фестивалот ќе биде отворена и изложба на плакати од претстави на шекспирови дела, поставени на сцената на Народниот театар од Битола. Изложбата ќе ја отвори ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз, Скопје Њујорк.

„Битола Шекспир фестивал“ веќе е дел од мрежата на европското и светското семејство на шекспирови театри, а Република Македонија е единствена од земјите дури и во поширокиот регион која конципираше токму ваква манифестација.

shekspir - shakespeare festival bitola

You May Also Like