Започна Балканскиот шампионат во одбојка на песок „Скопје 2013“

Вечерва (четврток, 25 јули) на двата терени на песок при Градска Плажа „Парк“, во организација на Град Скопје и Одбојкарската Федерација на Македонија, свечено беше означен почетокот на тридневното Балканско сениорско првенство во одбојка на песок во машка и во женска конкуренција „Скопје 2013“.

odbojka na plaza balkansko prvenstvo4Покровител на турнирот е градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, којшто пред преполните трибини на Градската плажа во Парк, го прогласи за отворен овој турнир.

Задоволство ми е да ве поздравам и да ви пожелам срдечно добредојде во Скопје, главниот град на Република Македонија, кој деновиве, со низа настани ја одбележува 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес. Под мотото „Скопје се сеќава“, на достоен начин ќе им оддадеме почит на жртвите на оваа катастрофа, но и повторно ќе им се заблагодариме на хуманоста и на солидарноста на луѓето од целиот свет, без чија помош Скопје сигурно немаше лесно да се дигне како феникс од пепелта на урнатините. Покрај културните настани, овие три дена ќе се дружиме и на спортски план, на овие прекрасни игралишта на песок, одржувајќи го по четврти пат меѓународниот турнир во одбојка на песок „Скопје 2013“, кој од оваа година за првпат е домаќин на Балканското сениорско првенство. Од срце ги поздравувам одбојкарките и одбојкарите од: Србија, Романија, Албанија, Турција, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Молдавија и на домаќинот Македонија, чие учество го прават ова првенство – висококвалитетно и респектабилно. Ви пожелувам спортска среќа, фер-плеј натпревари и добри резултати, но и незаборавен престој, добра дружба и забава во градот на спортот и на солидарноста – Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.

odbojka na plaza skopje1

odbojka na plaza balkansko prvenstvo2

Шампионатот стартуваше со неколку атрактивни мечеви, веднаш пред отворањето на првенството се одржаа мечот меѓу, Ордеан и Мелничиуч од Романија и Малинова-Сланчева од Бугарија во женска конкуренција и мечот во машка конкуренција меѓу Колев-Митев од Република Бугарија против турската двојка Озбек и Дагчи, а првенството ќе се одржува на двата терени за одбојка на песок при Градска Плажа „Парк“, во термините од 10 до 13 часот претпладне, и од 17 до 23 часот попладне. На турнирот, покрај две репрезентативни машки и две женски одбојкарски двојки од Македонија, учествуваат и екипи од 8 балкански држави: Србија, Романија, Албанија, Турција, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора и Молдавија.

Скопје за првпат, овие три дена, ќе биде домаќин на сениорско Балканско првенство во одбојка на песок, со најголем број на учесници, над 50-тина натпреварувачи и околу 10 официјални лица, делегати и меѓународни судии, се очекува овие три дена да се одиграат над педесет натпревари, а на турнирот се пријавени петнаесетина машки двојки и 13 женски одбојкарски парови. Од Македонија ќе настапат, нашите репрезентативци и интернационалци: Јовица Симоновски и Филип Деспотовски; Александар Милков и Влатко Трајчевски, а од жените Власта Ружиновска и Сандра Георгиевска, како и Еми Веселкоска и Моника Јањевиќ.

odbojka na plaza balkansko prvenstvo3

Наградниот фонд на турнирот е навистина богат, па така за првите три места во машка и во женска конкуренција обезбедени се награди во вредност од по 3, 5 илјади евра за секоја од конкуренциите. Овој меѓународен спортски настан влегува во рамките на Програмата за одбележувањето на 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, токму оттука, голем дел од делегациите од многу земји од светот, што ќе присуствуваат на одбележувањето, присуствуваа и на чинот на свеченото отворање, а ќе присуствуваат и на финалните натпревари на Шампионатот.

You May Also Like