Заврши снимањето на краткометражниот „Влакна“

Со сцени кои се направени во битолската чаршија, заврши снимањето на краткометражниот филм „Влакна“, работен според сценарио и во режија на Елеонора Венинова, а во продукција на Partes Social Advertising.

vlakna_ekipata_na_set

Филмот, кој е дел од долгометражно остварување се снимаше изминатава недела на повеќе локации во Скопје, на Скопска Црна Гора и во Битола, а се очекува да биде промовиран во рамки на овогодишното издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Токму на овој фестивал, на неговото 32. издание беше развивано сценариото на „Влакна“.

Сценариото има ангажиран контекст и е централен дел од неколку активности кои за цел ја имаат промоцијата на активизмот во креативните индустрии. Продуцентот Небојша Илијевски рече дека она што следи на овој план, е работилница за ангажиран филм која ќе се одржи исто така во рамки на претстојното издание на „Браќа Манаки“.

За време на снимањето, седум млади луѓе, кои се нашата идна филмска сила добија сериозен коучинг од своите поискусни колеги. Концептот на продукцијата на овој филм е тоа што покрај одличен филмски производ, да понудиме и можност на надежните идни филмски дејци да го надоградат својот талент со директното искуство во продукција на филмот, за кое сметаме дека е незаменлив дел од сопствената надоградба на секој режисер, сценограф, костимограф и било кој филмски рaботник – вели тој.

Трифун Ситниковски е млад филмаџија, студент по режија, кој зад себе веќе има искуство пред и зад камерите. Неговото учество во „Влакна“ е како втор асистент на режија и скриптер. Тој објаснува дека би сакал и самиот да направи слично дело кое освен што ќе ја истакне креативноста, ќе им даде и можност на младите ентузијасти да учествуваат во професионален филмски процес.

Освен тоа што се запознав и соработував со фантастични и многу талентирани луѓе, секој ден имаше нешто што можев да го научам од нив. Од секој сектор, од секоја област на снимањето на филмот, добив практично знаење што знам дека ќе ми користи во иднина и многу ќе ми помогне во донесувањето на важни режисерски решенија – вели Ситниковски.

Режисерката и сценаристка Елеонора Венинова рече дека снимањето се одвиваше по планот и секој ден екипата го завршуваше она што го имаше зацртано.

Една од причините е што се создаде одлична атмосфера во тимот и членовите на екипата се зближија и функционираа како вистински тим. Младите луѓе кои беа дел од тимот одлично се вклопија во работата, постојано се интересираа за работниот процес и за тоа како подобро да ги завршат нивните задачи, а поискусните членови секогаш беа на располагање за помош. Секако, имавме ситуации кога се правеа грешки и пропусти, но тие се исправаа со ентузијазмот на сите членови на екипата и волјата да се излезе надвор од рамката на сопствените одговорности, така што до крајот на снимањето „работата на филмот“ стана „работа на нашиот филм.“ – објаснува Венинова и додава дека наредниве два месеца екипата ќе биде фокусирана на завршување на пост-продукцискиот процес, а потоа планираат да го промовираат „Влакна“ и на фестивали во странство, но и да најдат начини да го гледаат што повеќе луѓе во Македонија.

Главните улоги ги толкуваат македонската актерка Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ, а играат и Слаѓана Вујошевиќ и Марија Арсенкова. Директор на фотографија е Димо Попов, автор на музиката е Дејан Спасовиќ, сценографијата е на Филип Велковски и на Никола Анѓелковски, а изборот на костими го направи Верица Андреевска – Спасовиќ. Асистент на режија е Ивана Стевановска.

Филмот е поддржан од Филмскиот Фонд на Република Македонија, а освен активистичкото вклучување на поголемиот дел од тимот во неговата реализација, остварувањето исто така активистички го поддржуваат и ОВС Индустриес, ресторанот „Антица“, „Лице в лице“ – регионалната платформа за активизам и Агенцијата за социјален адвертајзинг „Партес“.

You May Also Like