Вчеравечер, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски им го предаде пехарот на првопласираните ракометарки на првиот Женски турнир во ракомет на плажа, што викендов се одржуваше на мултифункционалниот терен на песок на Градската плажа „Парк“.
Турнирот се одржуваше под покровителство на Град Скопје, а во организација на Ракометната федерација на Македонија и Ракометниот клуб Работнички, којшто годинава прославува 65 години од своето постоење.
–Навистина се чувствувам задоволен што се одржа овој турнир и што овие три дена тука на Градската плажа Парк се играше ракомет на песок. Се надевам дека турнирот ќе прерасне во традиционален и дека многу скоро ќе добие статус на Меѓународен. Им честитам на победниците, но и на сите оние млади ракометарки што учествуваа на првиот Женски турнир во ракомет на плажа, истакна градоначалникот Трајановски.
Во рамки на турнирот во женска конкуренција, се натпреваруваат 6 младински екипи и тоа според Бергеровиот систем, секој со секого. Првото место на овој Турнир го освои екипата на РЕКСОНА, второто АЛКАЛОИД, а трети беа ПАТОС. Другите три екипи РОСА, НЕУРОМЕДИКА и ЦЕБОТЕКС завршија на четвртото, петото и шестото место во конечниот пласман. Натпреварот помеѓу екипите на Патос и Цеботекс во регуларниот дел заврши нерешено 1:1, па на пенали подобри беа ракометарките на Патос коишто со 5 голови наспрема 4 ги победија ракометарките на Цеботекс. Рексона ги победија Патос со 2 наспрема 0, натпреварот помеѓу Роса и Неуромедика заврши 2:0, а натпреварот помеѓу Цеботекс и Неуромедика 0:2.
Ракометарките на Патос го освоија третото место откако ги надиграа ракометарките на Роса со конечни 2:0, додека битката за првите две места се водеше помеѓу Рексона и Алкалоид и заврши со 2:0.
Во саботата на 24.08.2013 година, натпреварот помеѓу Рексона и Цеботекс заврши нерешено со 1:1 (6:5 на пенали),Неуромедика и Алкалоид изиграа 0:2, Роса беше послаба од Алкалоид и натпреварот заврши 0:2, Цеботекс изгуби од Роса со 0:2, Неуромедика пак од Патос со 0:2, а Рексона го победи Алкалоид со 1:0.
Во првиот натпревар што се одигра во петокот вечерта, помеѓу екипите на Рексона и Роса, по нерешениот резултат во регуларниот дел од натпреварот, на пенали подобри беа ракометарките на Рексона, коишто своите противнички ги победија со 5:4, во вториот натпревар подобри беа ракометарките на Неуромедика коишто ги надиграа ракометарките на Цеботекс со 2 – 0. Алкалоид и Патос изиграа нерешено во регуларниот дел од натпреварот, па мораше за победникот да решаваат слободните погодоци и натпреварот заврши со 4:3 на пенали за ракометарките на Алкалоид, додека пак Неуромедика загуби од Рексона со 0:2. Последните два натпревари, се одиграа со конечни резултати 0:2 за Патос против Цеботекс и Роса-Алкалоид 0:1.
Овој турнир, како и првиот машки турнир во ракомет на песок, што се одржуваше од 23-25.08.2013 година е еден вид промоција на нови спортови во Македонија. И двата турнира се одржаа во организација на РК „Работнички“ по повод 65-годишниот јубилеј, а по повод 8 Септември, ќе организира уште еден спортски настан како што е Големиот сениорски ракометен турнир којшто ќе има меѓународен карактер.
Веќе се пријавени три домашни супер лигашки екипи. 65-тиот роденден на РК Работнички ќе го прослави на 23 септември оваа година, а бил формиран далечната 1948 година. Сите овие манифестации се под покровителство на Град Скопје и се дел од годишната програма за спорт на градот.