Во рамките на првото издание на „Битола Шекспир фестивал“ денеска (понеделник, 22 јули) еминентни театарски експерти и професори од САД, Русија, Велика Британија и Македонија беа дел од панел дискусијата „Шекспир денес“ посветена на делото на познатиот англиски драматург.
Театарските експерти се согласија дека квалитетот и изборот на програмата на „Битола Шекспир фестивал“ имаат голема важност во промоцијата и афирмацијата на творечките вредности на Шекспир.
Извршниот продуцент на „Глоуб театарот“ во Лондон, Том Брд пред присутните потенцираше дека Битола во иднина ќе биде еден од многуте градови во целиот свет чие име ќе биде синоним за Шекспир и неговото творештво.
–Во светот постои голем ентузијазам за делата на Шекспир и затоа имаме возбудлива идеја во 2014 и во 2016 година да овозможиме продукции на Хамлет од сите страни на светот и да ги презентираме во театарот во Лондон за што преговараме и со битолскиот театар, истакна Брд.
На отворената панел дискусија, професорот на Универзитетот Њу Брансвик во Канада Рандал Мартин истакна дека доколку Британците во минатото Шекспир го сметале за сопствено културно наследство и производ за извоз, денеска со процесот на глобализацијата, Шекспир стана културен катализатор за промени во перцепцијата на културата, односно медиум за културна размена меѓу различните народи.
–Чувството дека Шекспир е ничија сопственост се потврдува со фестивалот во Битола кој ги поврзува сите актери и режисери, а уште поважно е што Шекспир се изведува и на други јазици, а не само на матичниот англиски јазик, рече Мартин.
Познатата режисерка во театарот „Таганка“ во Москва Рената Сотироиди, како еден од учесниците во панел дискусијата потсети дека големината на Шекспир е во јаснотијата на неговите дела без разлика во кој временски период се изведуваат. Нејзиниот колега Вјачеслав Тересченко посочи дека во Русија има повеќе од 600 државни театри кои задолжително во текот на годината имаат по една претстава од Шекспир. Професорот и директор на театарот Лит Мун од Санта Барбара-САД, Џон Блондел, поздравувајќи ја идејата за создавање на „Битола Шекспир фестивал“ посочи дека со оваа манифестација создадена е уште една точка во светот од која се генерира совршено актерство. За врските меѓу Македонија и Шекспир на панел дискусијата и Јордан Плевнеш, ректор на Универзитетот ЕСРА.
„Битола Шекспир фестивал“ продолжува утревечер со изложба на плакати од претстави на Шекспир кои во измнатите години биле поставени на сцената на Народниот театар во Битола и со изведба на претставата „Хенри Шести, трет дел“, која актерите од овој театар ја изведоа на културната Олимпијада во Лондон.