Во конкуренција на 18 бармени од цела Македонија, Зоран Ристов од Гевгелија го освои првото место на финалето на Вигор Бармен Куп 2013, кој се одржа во рамките на Струмица Опен Фест, веднаш по трката на келнери.
Неговиот летен коктел “Vigor Summer Refresh” го воодушеви повеќечленото стручно жири од Хрватска во кое членуваше и Ведран Петровиќ, победник на Републичкиот натпревар на бармени во Хрватска.
Барменското ‘сребро’ му припадна на Борис Петровски со коктелот “Green Fisalis”, додека пак Ванчо Стојанов со коктелот “Vigor: The Rinse of Badel” освои трето место.
Освен во дегустација на коктелите на најдобрите бармени во Македонија, насобраната публика во преполната публика во дискотеката “Селект„ уживаше и во нивните ‘акробации’ со коктелскиот прибор. Во категоријата ‘флер’, во која бармените се оценуваат според егзибициите кои ги прават за време на создавањето на коктел, победи Бобан Васиќ, додека второ и трето место освоија Александар Бошев и Дарко Лазовски. Се доделија и награди за најатрактивен коктел (Методи Перунковски, “7 from 5”) и најдобра стручна работа (Стево Тренов, “Vanilla Sky”).
Ова е петто издание на Вигор Бармен Куп, кој прерасна во своевидна традиција, чија основна замисла е коктел-културата да се издигне на повисоко ниво и да го заземе вистинското место во Македонија.