Со завршна претстава и презентација на работилницата „Сенки и светло“ денеска напладне во Струга беше означен крајот работилницата за танцов театар за деца, организиарана од 6 до 13 септември во рамки на регионалниот проект Генератор чија цел е развој на танцов театар за деца во Балканскиот регион.
Организатор и координатор на оваа работилница во Македонија е здружението на граѓани НОМАД танц академија Македонија. За време на седумдневната работилница, десет професионалци заедно со групи на деца од 5 до 9 години,партиципираа во активности, истражувања и креирање на стратегија за реализирање на проектот за танцов театар во Македонија.
Главен фокус на проектот се децата од предшколска и школска возраст, нивната положба во општеството и прашањата важни за нивниот напредок и иднина. Собирајќи ги на едно место искуствата од различни уметници, педагози по современ танц и воспитувачи, оваа работилница се фокусираше на потенцијалите кои ги имаат изведувачките уметности и нивните сродни практики за создавање услови и околина во која децата ќе бидат охрабрени активно да учествуваат во креирањето на „интерактивен“ танцов театар. Ментор на работилницата е режисерот Никола Зависиќ од Србија. Учесници на работилницата се Јована Ракич-Киселчиќ, кореограф и танчер од Србија, Петар Цвирн, актер од Хрватска и од Македонија: Викторија Илиоска – балетски педагог и кореограф, Елена Ристеска – балетски педагог, Катарина Тоциноски – координатор, Ами Иса – актерка, Кристина Тодорска-Петреска независен уметник и Климент Попоски – актер, кој вооедно е главен координатор на проектот и програмски уредник на работилница.
Во рамки на проектот во периодот јануари-август 2014 се реализираа и истражувања со цел запознавање со локалниот контекст и со институционалните и вонинституционалните образовни програми за деца во земјите учеснички на проектот. Идните цели и програми на проектот опфаќаат спроведување на стекнатото искуство како сет на алатки на разни програми за едукација во театрите, балетските центри и сали, градинките, основните училишта, родителите и семејствата.
Крајната цел на проектот е да се развие пилот програма – креативни работилници за деца, кои ќе се развиваат преку размена на искуства со професионалци од регионот на бивша Југославија и Нордискиот регион. Генератор ќе произведе знаење и практични модули кои можат да бидат доставени, споделени и подготвени да се користат преку работилници и интернет алатки.
Ова ќе допринесе до зајакнување и професионализација на сцените на современ танц на Балканот, едукација на професионалци во Македонија како важна компонента во развојот на професионалната сцена и зајакнување на едукативниот систем кој директно инвестира во нашата иднина (децата).
Генератор- Платформа за соработка за развој на танцов театар за деца во Балканскиот регион како дел од својата програма организира серии на лабаратории и работилници во Србија, Хрватска, Македонија и Босна и Херцеговина во периодот од септември – декември 2014г. Целите на работилниците се до допринесат во размена и пренос на информација и знаење и да ги охрабрат уметниците да учестуваат во прогресивно промислување и творење во ова поле. Меѓународните и регионалните уметници: Joke Laureyns и Kwint Mashoven, Hedrik Lebon, Nikola Zavišić, Mario Kovač, Nenad Sinkauz и Dalija Aćin Thelander ќе водат интензивни креативни процеси заедно со останати уметници, педагози од регионот, со цел да развијат идеи и да се фокусираат на нови модели за креирање и за работа со деца.
Партнер организации на Генератор се: Станица – Сервис за современ танц (Белград, Србија), Плесни центар ТАЛА (Загреб, Хрватска), Центар за едукацију младих Травник (Травник, БиХ) и НОМАД танц академија Македонија (Скопје, Македонија).
НОМАД танц академија Македонија е организатор и програмски координатор на проектот во Македонија. НОМАД танц академија Македонија е здружение на граѓани составено од професионални кореографи, перформанс уметници, педагози по современ танц и менаџери во културата кои соработката ја започнаа во рамки на регионалната платформа НОМАД танц академија, ко-организирана и ко-иницирана од Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата. Создавањето на оваа организација е со цел да се пренесат искуствата, методите на работа од НОМАД, а и да се генерираат нови форми на работа и соработка во областа на изведувачките уметности, со интерес за создавање на подобри можности за развој на професионалци во областа на современиот танц и театар. Формирана е во 2010 година, и Генератор е прв долгорочен меѓународен проект на организацијата.