Со концертот на Жељко Самарџиќ заврши петтото издание на „Каменичко културно лето“ за оваа 2013та година. Атмосферата пред настапот на големата балканска поп икона ја загреа македонскиот шармер, Влатко Илиевски.
И годинашниов спектакл ќе остане запаметен кај илјадниците посетители како уште една успешна приказна, а Македонска Каменица покажа и докажа дека е подготвена за организација на големи настани.
Реки народ, колони возила пристигаа во текот на целиот ден, цела Источна Македонија беше сплотена на едно место, а гостопримлива Каменица срдечно ги прими сите гости на големиот верски празник Успение на Пресвета Богородица-Голема Богородица, кој воедно е и Ден на Општината и Ден на рударите.
Посетителите имаа можност да присуствуваат и да уживаат во неколку настани организирани од општина Македонска Каменица, предводена од градоначалникот д-р Дарко Митевски и Културно-информативниот Центар „Романса“. Последниот ден од манифестацијата „Каменичко Културно Лето 2013“ започна со Изложба на олдтајмери, која се организира за прв пат во Македонска Каменица, имаше ревијален карактет, а сите учесници добија Благодарница за учество. Следуваше пуштањето во употреба на новоизграденото повеќенаменско спортско игралиште. На свеченоста присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, пратеникот Влатко Ѓорчев и директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски.
Вечерта се случи вистинска ерупција од енергија. Последен концерт во рамки на Каменичко Културно Лето 2013. Настанот го водеше Снеже Велков, а прв на големата сцена се појави Влатко Илиевски. Неговите хитови беа одлична најава на она што допрва следуваше.
По поздравните говори на Директорот за развој и инвестиции во Рудник „Саса“, Максим Прохоров и на градоначалникот на општина Македонска Каменица, д-р Дарко Митевски запошно двочасовното шоу на Жељко Самарџиќ. Незаборавно искуство, позитивна и разиграна енергија и исклучителна забава која финишираше со спектакуларен огномет.
Организаторите пресметаа дека годинашното Каменичко Културно Лето ги урна сите претходни рекорди. Вкупно 25000 посетители можеа да уживаат во десетдневната програма, а манифестацијата е оценета како најурбана манифестација од музичко-сценски карактер не само во Источна Македонија туку и пошироко. На големата сцена на Градскиот плоштад во Македонска Каменица, во изминатите десет дена настапија диџеите Гоце САФ и Димитри фром Чаир, кавер бендовите Лабаво Лавабо и ПМ (Пи Ем), етно составите Били Естебан и Ајдаред, Викторија Лоба, Александар Тарабунов, реномирани културно-уметнички друштва, Уска Кан Оркестар, Влатко Илиевски, Фолтин и балканската поп икона Жељко Самарџиќ.
Општина Македонска Каменица и Културно-информативниот Центар „Романса“ им се заблагодаруваат на сите граѓани на Македонска Каменица, на спонзорите и на медиумските покровители за несебичната подршка и труд се да помине во најдобар ред и воедно ги покануваат сите љубители на добра музика и извонредна кујна да бидат дел од Каменичко Културно Лето 2014.