Државната награда „Мајка Тереза“ денеска (понеделник, 26 август) во „Порта Македонија“ им беше врачена на годинашните добитници: сликарот, хуманист и новинар Живко Поповски – Цветин и на Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на фармацевската компанија Алкалоид.
Традиционално државната награда „Мајка Тереза“ секоја година се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човековата солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Претседателот на Одборот за доделување на наградата „Мајка Тереза“ академикот Витомир Митевски истакна дека при изборот на годинашните добитници, најмногу внимание посветиле на тоа кои од кандидатите вистински би ја продолжиле хуманата мисија на Мајка Тереза.
–Во име на Живко Поповски – Цветин и во мое лично име, би сакал да се заблагодарам на надлежните институции и сите индивидуалци кои одлучија да ни го доделат ова значајно признание. Оваа висока државна награда претставува чест, задоволство, но и потстрек за наши понатамошни активности кои би биле во знакот на вредностите коишто особено се ценат кај луѓето, а тоа се хуманоста, човековата солидарност, меѓусебното разбирање, а во исто време и почитување на различностите кај луѓето. Тоа се вредности со кои јас сум бил воспитуван и кои се трудам да ги пренесам на моите деца. Помагањето на луѓето на кои им е потребна помош, нема да осиромаши никого. Напротив, ќе не направи побогати за едно убаво искуство, а тоа е сознанието дека сме направиле добро дело, изјави Мукаетов.
Мукаетов истакна дека паричниот надомест кој му следува како добитник на оваа државна награда, во износ од пет просечни месечни плати во Македонија, ќе го донира за набавка на работни материјали во Заводот за рехабилитација на деца и младинци „Св. Климент Охридски“ од Скопје.