Женскиот младински хор при ЈУ МКЦ и диригентот Сашо Татарчевски ја продолжуваат успешната традиција на македонската хорска уметност во Европа и светот.
На Првите европски хорски игри во Грац, Австрија, фестивал, кој се одржа од 14. до 19. јули 2013 год., во прекрасната Stefaniensaal, учество зедоа 72 хорови од 34 држави.
Во категоријата камерни женски хорови, нашиот хор, го освои првото место во натпреварувачкиот дел од фестивалот. Хорот одржа и два целовечерни концерти во преполната сала на собранието на областа Стирија (Landhaushof), и во црквата Св. Марија во Страден.
Како и секогаш, репертоарот на маестро Татарчевски за овие концерти беше составен од композиции на Македонски автори, а изведбите беа проследени со долготрајни аплаузи и воодушевување од публиката. Одличниот впечаток кој го остави хорот кај стручниот дел од публиката придонесе за добивање конкретни покани за учество на други реномирани светски натпревари и фестивали.