Еко-фестивалот SOUND OF GREEN со собрани над 3000 пластични шишиња

Во летниот клуб „Хавана“ се одржа, втора година по ред, еко фестивалот „Sound of green“, во организација на Друштвото за управување со отпад од пакување – „Пакомак“ во соработка со клубот „Хавана“.

Под мотото „Биди рециклајзер”, пред скопската публика настапија најдобрите македонски бендови: „String Forces“, „Новиот почеток“, „Foolish Green“ и „Conquering lion“. Она што беше интересно за посетителите е тоа што влезниците за фестивалот не се продаваа, туку секој можеше да добие билет во замена за 3 празни пластични шишиња од која било големина.

Акцијата помина успешно, беа собрани повеќе од 3000 пластични шишиња, а спојот на музиката и грижата за животната средина уште еднаш се покажа како одлична идеја. Задоволството да се биде дел од еден ваков настан не го криеја и учесниците на фестивалот, па по тој повод Дориан Јовановиќ, член на групата „String Forces“, по завршување на нивниот настап изјави: „Музичките фестивали или настани, местата каде што луѓето се собираат заеднички да учествуваат во една голема музичка изведба, секогаш имаат магиско-ритуален карактер и како такви се погодни за ширење на одредени идеологии и идеи. Кога тоа ќе се употреби за идеи и цели кои што се за добробит на заедницата секогаш ќе бидат успешни. На таков начин, „Sound of green“ беше еден успешен настан, пред се музички, но и како средство за одредено зголемување на свеста за потребата да се грижиме за околината во која живееме. На едно место се собраа луѓе и од различни генерации и од различни животни стилови, сите заедно ја прославија музиката која што ги прави среќни, и при тоа дури и неприметливо во себе ставија идеја дека пластиката може и да се рециклира.

Акциите на Пакомак за подигање на еколошката свеста не застануваат овде. Тие и понатаму ќе продолжат да организираат настани каде ќе не уверат дека собирањето на пластичниот отпад навистина може да биде забавен.

You May Also Like