Доделени наградите на годинашниот „Македокс“

Со доделување на наградите на најдобрите остварувања беше заокружен фестивалот на креативен документарен филм „Македокс 2014“.

makedox_nagradi1

Годинава, наградата “Кромид” за најдобар филм во натпреварувачката програма отиде во рацете на Карл Хавер за филмот “Откачи”.

Според жирито составено од шармантните Андреа Кун (Германија), Катриел Шори (Израел) и Роберто Блат (Шпанија), “филмот поседува елоквентен приказ на релативно непозната приказна која навистина влијаела на некои идни генерации, а која го користи архивскиот материјал на исклучително имагинативен начин.” Притоа, жирито го издвои филмот “Раселените Персони” на Аса Бланк и Јохан Палгрем поради одличната нарација и драматичниот портрет на едно семејно патување помеѓу два спротивни света.

За најдобар филм на нов автор годинава е прогласен “Враќање во Хомс” на Талал Дерки. Адмир Чулумаревиќ (Босна и Херцеговина), Анџелка Ненезиќ (Црна Гора) и Владан Петковиќ (Србија) нему му ја доделија наградата “Млад кромид” затоа што “претставувајќи два харизматични лика среде вознемирувачкиот хорор на војната којашто светот ја посматра, но не ја гледа вистински, користејќи фантастично динамична монтажа за да ги поврзе крвопролевањето и потресните слики и секвенци, “Враќање во Хомс” е многу повеќе од филм. Тоа е опипливо реалистично славење на животот во време кога владее смртта.”

Во истата категорија посебно признание му се оддава на Младен Ковачевиќ за “Анплагд”: “Оживувајќи древна музичка уметност, вадејќи ја од заборав преку приказната на тројцата оригинални протагонисти, режисерот мајсторски ни го доближува своето ритмичко гледање на едно поедноставно време коешто с� уште го живеат емотивните луѓе во бруталното модерно доба.”

Според Бранко Аврамовски, Лидија Мојсовска и Светислав Подлешанов (Македонија), најдобар филм за деца и млади на годинешното петто издание на “МакеДокс” и добитник на наградата “Кокарче” е филмот “Среќа” на Томас Балмеш, кој веднаш отскокнал од останатите шест филма во селекцијата поради “совршениот спој на филмските елементи, естетиката и автентичната приказна. Покрај егзотичните локации и уникатниот филмски јазик, раскажувачот веднаш нѐ освојува и со приказната за скромните јунаци и нивниот конфликт со модерниот свет, раскажана преку очите на едно дете и неговото семејство.”

Најпосле, жирито во состав Ана Јовковска (Македонија), Братко Бибич (Словенија) и Стефан Сидовски (Македонија) му ја додели Специјалната награда за филм со најдобри етички идеи на филмот “Јоана” на режисерката Анета Копач. Според нив, “филмот е неверојатна визуелна поетика за последните месеци од животот на младата Јоана, болна од неизлечива болест, нејзината релација со семејството и пораките, вредностите и едноставните нешта за животот кои му ги пренесува на својот мал син. Приказната е обработена на суптилен, достоинствен и етички начин. И покрај тешката животна ситуација на главната протагонистка, вешто е избегната тенката граница на патетиката и сензационализмот.

Етичката вредност на оваа документарна приказна е и во приодот да му се погледне на животот директно во очи на еден спокоен, радосен и нежен начин и покрај бруталноста на судбината. Личната болка во овој филм во ниту еден момент не паѓа во стапицата на сензационалистичката манипулација на авторот, туку претставувасилна морална порака за гледачот.”

You May Also Like