Договор за развој на креативните индустрии меѓу Министерството за култура и Британскиот совет

Во просториите на Порта Македонија денеска (вторник, 19 март) свечено беше потпишан Договорот за соработка во областа на креативните индустрии меѓу Министерството за култура и Британскиот совет во Република Македонија, документ со кој се официјализира соработката меѓу двете институции во областа на креативните индустрии.

Договорот го потпишаа министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска и директорката на Британскиот совет Елеонора Запрова.

Договорот кој денеска го потпишавме е продолжување на активностите во областа на креативните индустрии и е во духот на нашите досегашни заложби за стимулирање и мотивирање на младите креативци во Република Македонија за посериозно комерцијално работење во оваа област и стручно усовршување на бизнис заедницата за користење на овој значаен ресурс“, истакна во своето обраќање Канческа-Милевска.

Министерството за култура, рече министерката, посветува големо внимание на креативните индустрии со цел запознавање на јавноста со нивното значење, пренесување нови знаења и искуства, како и информирање на бизнис секторот за можноста од партнерство помеѓу културниот и економскиот сектор.

Преку работилници младите и инвентивни дизајнери имаа можност да соработуваат со врвни експерти кои ја поттикнаа нивната креативност и успешно ги насочија кон создавање на несекојдневни и уникатни парчиња накит кои беа претставени и пред публиката од Белгија, на изложбата организирана во соработка со Мисијата на Република Македонија во Брисел. Министерството за култура реализираше и работилница за дизајнирање на амбалажа за производ, музичка работилница, како и предавања од областа на креативното претприемништво наменето за бизнис-заедницата“, подвлече Министерката.

Во Договорот се наведени активностите, обуките и усовршувањата кои бидат реализирани во областа на креативните индустрии во текот на оваа година. Заинтересираните, во јуни, октомври и ноември ќе можат да стекнат нови знаења и да се запознаат со искуствата од областа на креативните индустрии на Малта, Словенија и Велика Британија. Истовремено ќе бидат спроведени обуки за информатичка технологија и дизајн како и обуки за креативно претприемништво според моделот развиен од британската фондација за иновации НЕСТА.

Министерството за култура неодамна објави и Конкурс за финансирање на проекти во областа на креативните индустрии чија цел е стимулацијата на индивидуалците и на групите кои се непосредно вклучени во процесот за развој на креативните индустрии. Големиот број на пријавени проекти, преку 200, се потврда за заинтересираноста на граѓаните за оваа област како и желбата, својот потенцијал и творечка енергија да ги насочат кон создавање на производи кои ќе бидат важен економски ресурс.

You May Also Like