Дела од Хенри Мур на изложба во МСУ

Изложбата на дела на еден од главните претставници на апстрактниот правец во вајарството (Хенри Мур, 1898-1986 година), ќе се отвори на 18 април и ќе трае до 31 мај.

Голема изложба со вкупно 86 дела, од кои 6 скулптури од великанот на светската скулптура, британскиот уметник Хенри Мур, ќе може да види македонската публика во Музејот на современата уметност во Скопје.

Изложбата на дела на главниот претставник на апстрактниот правец во вајарството ќе биде отворена на 18 април, a ќе трае до 31 мај.  Истата ќе биде поставена во Салонот Скопје, во Музејот на современа уметност. Дела на Мур на пазарот имаат цена од неколку милиони евра, а многу од нив се наоѓаат пред реномирани институции како зградата на УНЕСKО во Париз и Линколн центарот во Њујорк.

Ретко имаме можност за изложба од овој ранг на овие простори, а истата е плод на одличната соработката на Британскиот совет и МСУ. Покрај изложбата на дела, настанот ќе биде збогатен со предавање на врвен куратор и познавач на делото на Мур, образовни работилници за деца, млади и студенти по уметност, а во киното постојано ќе се има проекција на документарен филм за животот и делото на Мур. На изложбата најавено е присуство на регионалниот директор на Британскиот совет.

Две години Британскиот совет и Музеј на современата уметност го градат своето партнерство преку значајни изложби на дела од современи британски уметници. Лани беше претставена изложбата „Прагови“ од колекцијата на Британски совет со 73 дела на автори од Велика Британија на кураторите Деана Еклер и Роберт Макферсон.

Скопје е почетната дестинација на големата изложба на Мур, која од тука продолжува на патувачка турнеја во уште неколку земји во регионот.

You May Also Like