Градоначалникот Трајановски го посети ЦУКС

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, денеска /12.06.2013 година/ го посетија Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС) што се  уредува како дел од проектот за Автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје.

– Реализацијата на проектот за Автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје е финансиран со заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 2,6 милиони евра. Изведувач на работите е СВАРКО СИСТЕМС од Германија со подизведувачот ЕЛКОМ КОНСТРАКШН од Скопје. Со неговото доопремување, главните функции на Центарот за управување и контрола на сообраќајот ќе бидат прибирање податоци за сообраќајот во реално време, управување со семафорскиот систем на улиците, визуелно набљудување на сообраќајот, давање приоритет на возилата на јавниот градски превоз и  информирање на возачите. За таа цел, на околу 90 крстосници во коловозот ќе бидат инсталирани детекторски индуктивни јамки, кои ќе бројат и детектираат возила, ќе бидат поставени 50 камери преку кои ќе се врши визуелен мониторинг на сообраќајните текови и ќе бидат инсталирани 47 нови семафорски контролери. За меѓусебно поврзување на крстосниците, како и нивно поврзување со Центарот за управување и контрола на сообраќајот е предвидена оптичка мрежа која треба да овозможи пренос на податоците до Центарот и обратно. Со формирањето на Центарот предвидено е воведување на адаптивна контрола на сообраќајот на околу 90 крстосници. Тоа значи дека во иднина, светлосните сигнали на овие крстосници ќе работат во зависност од сообраќајното оптоварување, односно зеленото време нема да биде фиксно како што е денес, туку ќе биде променливо во зависност од бројот на возила кои поминале преку детекторските индуктивни јамки – рече градоначалникот Трајановски.

Трајановски додаде дека првите 30 крстосници кои се лоцирани во централното градско подрачје се веќе централизирани, односно поврзани со Центарот за управување и контрола на сообраќајот.

– Во текот на ова лето очекуваме Центарот да почне да функционира со 30 крстосници, а до крајот на годинава да се поврзат 90 крстосници. Од работата на Центарот за управување и контрола на сообраќајот ќе произлезат голем број придобивки за граѓаните на Скопје, намалување на времето на патување, намалување на времето на чекање за поминување на крстосниците, намалување на загадувањето од сообраќајот, намалување на потрошувачката на гориво, зголемување на брзината и многу други – нагласи градоначалникот Трајановски.

You May Also Like