Во периодот од 14 до 18 мај во Осло, Норвешка, се одржа Втората Меѓународна конференција за истражувања во дизајнот и образованието, на тема „Дизајн образование: од градинка до докторат“.
Оваа конференција се одржува на секои две години, а има за цел да ги поттикне истражувачките и научни капацитети во дизајнот. На настанот учествуваа 278 делегати од 43 земји, а беа презентирани вкупно 165 научни трудови. Во рамките на оваа реномирана конференција презентација на свој научен труд оствари продеканот на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет доц. м-р Гордана Вренцоска, со наслов: „Рачните вештини во Ера на висока технологија: когнитивните предности на базичните рачни техники во високото образование за дизајн“.
Вренцоска беше единствен претставник од Македонија и Балканот на оваа конференција, но со своето учество ги потврди регионалните залагања за етаблирање на дизајнот како самостојна академска дисциплина на овие простори.
Во трудот се сумираат дел од методологиите на дизајнирање кои се применуваат на Факултетот за арт и дизајн и некои од истражувачките проекти во кои учествувале студентите и наставниот кадар на Факултетот во изминатите 7 години. Трудот е објавен во публикацијата на конференцијата.