Во организација на продуцентската куќа “Трето Уво” утре (9 август, петок) во Античкиот Театар во Охрид, со почеток во 21.30 часот, ќе започне дванаесеттото по ред издание на традиционалниот музички фестивал Balkan Music Square.
Првата фестивалска вечер ќе ја отвори виртуозот на хармоника Горан Алачки, а по него ќе настапи српската група “Златопис” од Белград, предводена од рок легендата Љуба Нинковиќ. Влезот на концертите е слободен.
Горан Алачки – Македонија
Горан Алачки е еден од најдобрите македонски инструменталисти на хармоника. Тој почнува да свири хармоника од својата осумгодишна возраст, а веќе на 12 години почнува со професионални снимки како член на „Октетот Македонија“.
Уште како многу млад и талентиран музичар Алачки почнува со гостувања и настапи на странските сцени, а и ден денес тој постојано е на концерти и турнеи низ целиот свет: Велика Британија, Германија, Франција, Шведска, Данска, Австрија, Италија, Канада, Америка, Австралија, итн. Во 1986 година Алачки ја освои престижната награда „Најдобар хармоникаш на Македонија“.
По завршување на Музичката Академија тој станува член на Ансамблот на народни интрументи при МРТВ, а од 1992 до 1997 година во студиото „Маестро“ ги снима и продуцира песните на скоро сите поголеми македонски фолк фестивали.
Горан Алачки е автор и продуцент на над 300 композиции. Од 1999 година тој е директор на „Музичкото училиште – Горан Алачки“. Тој активно држи часови, предавања и „воркшоп“ работилници промовирајки ја македонската традиционална музика насекаде низ светот.
Група „Златопис“ – Србија
Зборот „златопис“ е средновековна техника на рачно копирање на текстови во злато. Ова име го носи групата која во себе вклучува музичари од различни генерации предводени од легендарниот белградски рокер Љуба Нинковиќ, чија музичка кариера се протега од средината на 1960 година, како основач и член на групите „С времена на време“ и „Тунел“. Тие заедно прават спој на традиционалните српски хармонии и ритмови, унисоно и полифонично пеење, со модерната продукција на т.н. “world music“ зачинето со елемeнти на психоделичниот фолк рок.
Тие го почнаа ова патување од верувањето дека постои заедничка основа што ја прави традиционалната музика на една нација разбирливa за другите. Кога ќе се стави сето тоа во рамките на современиот музички израз, таа лесно може да одговара на современиот слушател со изградба на двонасочен автопат во неговиот ум – кон заедничкото потеклото на цивилизацијата и назад.
Групата се составена од: Љуба Нинковиќ – македонска мандолина, гитара и вокал, Дејан Шкопеља Шкопи – бас гитара, Горан Петровиќ Ушке – тапани и перкусии, Небојша Брдариќ – ерменски дудук, српска гајда и кавал, Бојана Брдариќ – вокал, Јелена Пецаранин – вокал, Александра Самолов – виолина.