Голема поддршка за библиотечната дејност

Збогатувањето на книжниот фонд е една од основните и битни функции на секоја библиотека. Министерството за култура го поддржува купувањето македонски публикации за меѓународна размена. На овој начин македонската издавачка продукција е застапена во голем број светски библиотеки, универзитетски, славистички и научни центри.

stack-of-books

За да дојде книгата до читателите во најтешко достапните места во нашата држава, Министерството за култура поддржува и подвижни библиотеки, како што е мобилниот информатички и комуникациски центар – ИНФОБУС, кој успешно опслужува 18 населени места во општината Штип. Во овие места живее население од различно етничко потекло.

Подготвување информации за националната издавачка продукција преку изработка и објавување на македонската тековна библиографија и други библиографии

Македонската тековна библиографија има цел да ја презентира издавачката продукција на монографски публикации, статии и прилози и сериски публикации објавени во Република Македонија. Свеските од сериите од македонската тековна библиографија се дистрибуираат до библиотеките во Република Македонија и до сто и дваесет светски библиотеки, со што се афирмираат македонските културни и научни достигнувања. Ќе се поддржува и издавањето на други библиографии.

Претплата на електронски списанија и книги „онлајн“ и информациски бази на податоци „офлајн“

Унапредување на информациските услуги во квалитативна и квантитативна смисла, нивно промовирање, презентирање, како и пребарување од корисници кои се дел од научната и културната јавност во земјава и во странство. Со средствата одвоени за оваа намена, ќе се овозможи пристап до над 60 000 електронски списанија, електронски книги, документи, мапи фотографии и други материјали.

Конзервација, реставрација и превентивна заштита на библиотечниот материјал

За заштита на целокупниот библиотечен материјал се опфатени сите мерки и постапки кои се преземаат за да се спречи, одложи или да се намали оштетувањето на библиотечниот материјал, книжниот фонд, македонскиот задолжителен архивски примерок, старите ракописи и на старопечатените и ретки книги.

Набавка на опрема за долготрајно пасивно архивирање на архивските примероци од процесот за дигитализација

При процесот на дигитализација се појавува проблем со долготрајното архивирање на дигитализираниот материјал. Како дел од оваа проблематика, пронајдено е долготрајно пасивно решение со користење специјални дискови кои имаат голем капацитет и долготрајност. Со поддршката на овој проект ќе се набават дискови за долготрајно пасивно архивирање на архивските примероци од процесот на дигитализација.

Континуирано функционирање на библиотечно-информацискиот систем КОБИСС.МК и основна функционалност на центарот НУБ-ВБМ

Се обезбедува користење и одржување на програмската поддршка КОБИСС.МК, оперативност на заедничките компјутерски и комуникациски капацитети за работа на системот и на централните сервиси на системот КОБИСС.МК, користење на заемната база на податоци КОБИБ.МК. на локалните бази на податоци и на другите централни бази на податоци во системот КОБИСС.МК.

Обука на библиотечен кадар

За обучување стручен кадар за користење на информатичката опрема и за работа со програмата КОБИСС, во НУ Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје се одржуваат курсеви и обука за едукација и стручно оспособување на постојниот библиотечен кадар од сите национални и јавни библиотеки, како и од библиотеки во установи кои не се од културата.

Конзервација на ракописот „Прохор-пчињско изборно евангелие“ и конзервација на книжевното дело „Огледало“ од Кирил Пејчиновиќ

Во 2014 година за првпат ќе бидат финансирани два особено значајни проекта за заштита на книжното наследство. Првиот е „Конзервација на ракописот Прохор-пчињско изборно евангелие“, проект со кој ќе се изврши чистење, дезинфекција, раздвојување на листовите, реставрација на оштетените делови и на оригиналната корица. Ќе се изврши подврзување со кожена корица на која ќе ѝ бидат вратени делови од старата корица. Вториот проект е „Конзервација, реставрација и непосредна заштита на книжевното дело ,Огледало’ од Кирил Пејчиновиќ“. Делото на Пејчиновиќ е отпечатено во 1816 година и поради започнатиот процес на оштетување на дел од листовите на книгата, се јавува потребата од конзервација, реставрација и непосредна заштита на ова значајно книжевно дело, а по преземените активности, тоа ќе биде изложено во посебно изработена витрина и добро заштитено од надворешни влијанија. Со реализацијата на проектот, делото на Пејчиновиќ ќе биде достапно за домашни и за странски посетители.

 

извор: Курир

You May Also Like