Во рамките на научно културната средба “Десет дена Крушевска република”, денес на 8 август, пред крушевчани со своја програма ќе се претстави општина Гевгелија.
Домаќините крушевчани на средбата одлучија еден ден да го посветат на војводата Леонид Јанков и на културно уметничката програма што ја подготви општина Гевгелија.
Сакајќи што подостојно да го одбележи ликот и делото на Леонид Јанков, еден од најомилените и најпочитувани народни борци од гевгелиско, општина Гевгелија подготви програма која прави спој на традиционалното и современото.
Имено, во првиот дел, културно уметничкото друштво “Танец” од Миравци, покрај песната “Трба трби гевгелиско”, неофицијалната гевгелиска химна, посветена токму на Леонид Јанков, ќе изведе три карактеристични игри од гевгелискиот крај, и тоа, играта “Ѓура Мара”, инспирирана од вистински настан на третиот ден од Велигден, Русалиската игра која се изведувала за општо добро на населението со која се прогонувале лошите “самовили”, и Свадбарската игра , која најсликовито ги покажува свадбарските обичаи од гевгелискиот крај .
Во вториот ден насловен како “Етно Седенка”, млади музичари од Гевгелија ќе дадат своевидно видување на неколку староградски песни од Гевгелија.