Од 20 до 31 август ќе се реализира втората фаза од шестото издание на манифестацијата „Топол културен бран“ чија што цел е дисперзија на културните содржини низ градовите во Република Македонија.
Во 29 општини ќе бидат одржани повеќе од 50 настани од сите дејности на културата, целовечерни концерти на фолклорни и хорски ансамбли, театарски претстави, ликовни изложби, концерти на популарна и урбана музика, филмски вечери посветени на презентација на македонскиот игран филм, како и изведби на театарски претстави за деца.
Во рамките на првата фаза од Топлиот културен бран, во периодот од 20 до 31 јули, беа презентирани повеќе од педесет настани кои наидоа на одличен одзив кај публиката. Граѓаните имаа можност да уживаат во културата и културните содржини, преку театарски претстави од репертоарот на националните театарски куќи, да проследат концерти на етно групите „Синтезис“, „Љубојна“, настапи на Ансамблот „Танец“, како и презентација на неколку помали фолклорни друштва преку кои се промовираше македонскиот фолклор и македонската изворна песна.
Најмладите уживаа во проекциите на филмовите за деца како и други содржини наменети за нивната возраст. Беа одржани и проекции на филмови од македонската филмска продукција, рок концерти, изложби на голем број на млади ликовни уметници, поетски вечери.
Манифестацијата „Топол Културен бран“ низ своите пет досегашни изданија, несомнено ја постигна својата цел, доближувајќи ја културата до сите граѓани на Републиката. Реализацијата на оваа манифестација, на дело, ја потврдува одличната соработка и партнерскиот однос меѓу локалната и централната власт во насока на интензивирањето на локалниот културен развој на општините во земјава.
Манифестацијата „Топол културен бран“ е само една од низата манифестации кои Министерството за култура, традиционално ги поддржува и кои во летниот период им овозможуваат на граѓаните да проследат бројни, интересни културни содржини, концерти, театарски претстави, литературни читања. Меѓу нив, се Охридското, Скопското и Прилепското лето, Струшките вечери на поезијата, Балканскиот фолклорен фестивал, „Галичката свадба“, фестивалот на античка драма „Стоби“, Офф-фест, Крушево-етно-град и многу други.
Министерството за култура и во иднина ќе ги поддржува културните проекти и манифестации кои ги мотивираат граѓаните за се помасовно присуство и уживање во културата и во културните вредности.