Врвни наслови на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“

Вкупно 74 врвни наслови од светската и од македонската кинематографија, меѓу кои четири премиери, два кандидати за Оскар и голем број наградувани филмови, распоредени во 10 програмски целини, ќе бидат прикажани на 34-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што под мотото „Пушти ја светлината“, од 14 до 20 септември, ќе се одржи во Битола.

 

pusti_ja_svetlinata

Главната програма на 34-то издание на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ ќе понуди 12 исклучителни филма. Покрај „Соба со пијано“ на нашиот Игор Иванов, кој ќе биде прикажан на свеченото отворање на манифестацијата, за наградите „Златна, сребрена и бронзена Камера 300“ ќе се борат и „Допирот на гревот“ на етаблираниот кинески автор Џиа Зангке и кинематиограферот Нелсон Ју Ликваи, израелскиот „Слатки“ на Јозеф Пичкадзе, кој во Битола ќе ја има светската премиера и повторно во Македонија ќе го донесе снимателот Фред Келеман, како и белгискиот „Танго либре“ во режија на Фредерик Фонтејн и со фотографија на Виржини Сент-Мартен.

Овојпат во селекцијата се вклучени четири црно-бели филмови, а во избор на Благоја Куновски ќе видиме и два лауреати од фестивалот во Карлови Вари, украинскиот „Куќа со кула“ на Ева Неиман и полскиот „Папуша“ на Јоана и Кшиштоф Краузе. Овде се и и неколку филма од Берлин, Кан и Венеција, меѓу кои белгиско-холандскиот „Петтото годишно време“, казахстанскиот „Лекции по хармонија“ и сингапурскиот „Ило, Ило“.

Петтото издание на „Нови визии“, чиј селектор е Сунчица Уневска, ќе понуди шест жестоки проекти, од кои само еден европски – словенечкиот „Адрија блуз“ на режисерот Мирослав Мандиќ кој овде ќе ја има регионалната премиера. Четири од филмовите се дебитански, а на два од нив како директори на фотографија се потпишуваат жени – Марија Секо од Канада и Софија Огиони од Колумбија.

Инаку, акцент на годинашното издание на манифестацијата е ставен на македонскиот филм. Во „Македонската панорама“ ќе бидат прикажани шест кратки домашни остварувања, Кинотека на Македонија на 16 септември ќе го промовира ДВД на кое е документиран реставрираниот опус на целокупното творештво на браќата Манаки и згора на тоа ќе се случи и ретроспективата на филмови од Кирил Ценевски, кому годинава во април му беше доделена наградата „Златен објектив“. И, токму Ценевски како режисер е и добитник на нововостановената награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ зад која застана Друштвото на филмските професионалци.

 

You May Also Like