Овој уникатен обичај „Четрсе“ е првото нематеријално културно добро на репрезентативната листа на светското културно наследство на УНЕСКО од Македонија …
На тврдината „Исар“ во Штип денеска се чествува големиот христијански празник „Свети 40 маченици“ и обичајот „Четрсе“, кој е првиот македонски обичај на светската листа на УНЕСКО за немеатеријално културно наследство …
Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, со Илчо Захариев, градоначалник на Штип и директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Зоранчо Малинов денеска се искачија на тврдината Исар и фрлија 39 каменчиња, а четириесетото го зачуваа за себе за да го стават под перница, со цел да им се исполни желбата која ја имаат за себе, но и за своите блиски.
Обичајот Четрсе, според Канческа-Милевска, е дел од нематеријалното културно наследство кое, како духовно богатство на еден народ, сведочи за нашето опстојување и за нашата култура и токму затоа заслужува да е на листата на УНЕСКО.
– Овој уникатен обичај „Четрсе“ е првото нематеријално културно добро на репрезентативната листа на светското културно наследство на УНЕСКО. Мислам дека ова е многу значаен сегмент за Република Македонија, бидејќи првпат влегуваме во нематеријалното културно наследство на УНЕСКО и првпат со еден ваков исклучителен обичај, кој е редок и се чествува овде во Штип, рече Канческа-Милевска.
Директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Малинов, кој во 2011 година ја пополни апликацијата за обичајот Четрсе вели дека традицијата продолжува во градот под Исарот. За него многу важно е што обичајот го чествуваат младите, но и повозрасните штипјани што е потврда дека овој обичај ќе живее уште многу години.
Министерката Канческа – Милевска подвлече дека интензивно се работи и на други апликации, меѓу кои за празнувањето на Ѓурѓовден, Мартинки, а се доработува и апликацијата за орото Копачки од делчевското село Драмче, како и традиционалното пеење Гласоечкото од тетовскиот регион.