По повод фестивалот Струшки вечери на поезијата кој почнува за два дена во Струга, денеска (20 август, вторник) во Македонија пристигна мексиканскиот поет Хосе Емилио Пачеко.
Пачеко е добитник на „Златниот венец“, престижна награда која ќе му биде врачена во недела на поетското читање „Мостови“. Поради здравствени причини на познатиот поет, откажана е средбата со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска што попладнево требаше да се одржи во Музејот на македонската борба во Скопје.
Пачеко е меѓу најзначајните и највлијателните мексикански поети, со петдецениско творештво кое го издигнува не само во мексиканската литература, на која и припаѓаат и Борхес и Октавио Паз, туку и во целокупната хиспаноамериканска, а и светска литература. За своето исклучително поетско творештво многукратно е наградуван и е добитник на големата награда „Сервантес“, која се доделува за исклучителни достигнувања во литературата пишувана на шпански јазик.
Хосе Емилио Пачеко е роден во 1939 година во Мексико Сити каде што се школувал, а подоцна предавал книжевност на многу универзитети во Јужна Америка, САД и во Канада. Член е на Мексиканската академија на јазиците.
Добитник на наградата „Мостови на Струга“, која за дебитантска книга десет години ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО, годинава е македонската поетеса Николина Андова за книгата „Влезот е од другата страна“. Таа е прв поет од Македонија што ја добива наградата.
Педесет и вториот поетски фестивал свечено ќе биде отворен на 22 август со меѓународното поетско читање „Меридијани“ во Домот на поезијата во Струга и таму ќе се одржува до 25 август, а во наредните два дена учесниците на СВП ќе го посетат Скопје и други градови низ Македонија. Поетскиот портрет на поетот-лауреат Пачеко ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во Охрид на 24 август.
Потврдено е присуството на околу 50 странски поети, но на фестивалот ќе дојдат и директори на фестивали, на значајни асоцијации, издавачи од Мексико и од регионот бидејќи СВП тежнее да развие широка меѓународна активност поврзана во сите сегменти – од фестивалските случувања до издавачката дејност.
Во рамки на фестивалот ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2013 година која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу два фестивала. И годинава ќе ги има стандардните содржини – симпозиум (годинава на тема „Поезијата – војна и мир меѓу јазиците“), промоција на поетски книги од едицијата на СВП „Плејади“, Ноќ без интерпункција…
Во изминатите пет децении фестивалот Струшки вечери на поезијата го посетиле над пет илјади есеисти и критичари, а 47 поети го добиле највисокото признание „Златен венец на поезијата“.