Пуштени се во продажба билетите за 32-то издание на Скопскиот џез фестивал, што оваа година ќе се одржи од 17-21 октомври.
Цената на влезницата за првата вечер, на којашто во МОБ ќе настапи британско-словенечкиот тандем Еван Паркер/Златко Каучич како и експлозивните Британци Get The Blessing, изнесува 400 денари. Билетот за настапите на норвешкото дуо Сидсел Ендресен/Стиан Вестерхус и на квартетот на легендарниот американски гитарист Џон Аберкромби (18 октомври, МОБ) се продава по цена од 600 денари.
Уживањето во балканската премиера на проектот “Balkan Fever” со харизматичниот диригент Кристјан Јарви, Македонската Филхармонија, Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов (19 октомври, Универзална сала), ќе чини 800 денари. Исто толку чини и влезницата за следната вечер во Универзалната сала, на којашто ќе се претстави легендарната џез-пејачка Касандра Вилсон со бендот Harriet Tubman, како и џез-иконата Роско Мичел со своето трио.
И конечно, за концертите на славниот Дејв Холанд и неговиот последен проект Prism и на новата ѕвезда на евопскиот џез Ибрахим Малуф, на последната фестивалска вечер во Универзалната сала, посетителите ќе плаќаат 600 денари. Полноќните концерти, што ќе се одржуваат од 18 до 21 октомври во Сити Хол Центар (поранешниот клуб „Хард-Рок“), со настапите на Reut Regev’s R*Time, Nicola Conte Combo, Peter Evans Zebulon Trio и Rob Mazurek & Sao Paulo Underground, ќе чинат 300 денари.
Комплетот билети за сите вечери (вкучувајќи ги и полноќните концерти) се продава по цена од 2600 денари. Влезниците за 32. Скопски џез фестивал може да се набават во: Југотон Рекордс, Пола Југотон, МОБ, Универзална сала и на www.kupikartizase.com.