Во Градската библиотека на Виена вчера беше предадена едиција од 130 тома македонска книжевност на англиски јазик за користење на читaтелите на 93 ограноци на најголемата библиотека во Австрија.
Амбасадорот во Австрија Ѓорѓи Филипов, во обраќањето на свеченоста се осврна на потребата од блиска соработка меѓу земјите и на културно поле. Филипов истакна дека предавањето на едицијата се реализира во годината кога Македонија и Австрија слават 20 години од воспоставувањето дипломатски односи.
Генералниот директор на Виенски библиотеки, Маркус Фајгл, се заблагодари на подарокот и соопшти дека во чест на застапеноста на голем број македонски автори, а со цел рамноправност на македонската дијаспора со останатите дијаспори во Виена, „Виенски библиотеки“ вработиле библиотекар од македонско потекло, со македонски, како мајчин јазик.
Освен разгледување на Главната градска библиотека, Амбасадата и библиотеката договорија организација на изложба и литературно читање во присуство на автор од Република Македонија.