“Браќа Манаки” блесна во полн сјај

Хозе Луис Алкаине пред преполната сала на отворањето од 34. ИФФК „Браќа Манаки“ – Битола: КАМЕРА 300 Е НАЈВИСКОТО ПРИЗНАНИЕ ШТО МОЖЕ ДА ГО ДОБИЕ ЕДЕН ДИРЕКТОР НА ФОТОГРАФИЈА…

brakja manaki 1

На ИФФК „Браќа Манаки“ пред преполна сала на Центарот за култура во Битола, вчера вечер се отвори 34. издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

По гламурозниот црвен килим, кој годинава привлече рекорден број новинари и сниматели, директорката на фестивалот Лабина Митевска ја поздрави публиката: „Се потрудивме најубавата светлина од светот да Ви ја донесеме овие седум дена во Битола. Уживајте во неа!“, рече Митевска. Претставувајќи го жирито, пак, Митевска му се обрати и на годинашниот лауреат на Златна камера 300 Хозе Луис Алкаине: „Почитуван Алкаине, не можете да верувате колкава е моето задоволство што после четиригодишни преговори, вечерва најпосле сте со нас тука во Битола, во Македонија“, рече Митевска.

labina manaki otvoranje

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој истакна дека Битола е македонска филмска престолнина во која се одржува најстариот фестивал на светот што го вреднува авторскиот придонес на директорите на фотографија.

– Овој фестивал се темели на првите македонски и балкански кинематографи, браќата Јанаки и Милтон Манаки. Расветлувајќи ја нивната сегашност тие ни осветлија дел од нашето минато и ни овозможија да имаме појасна визија за иднината. Низ објективот на легендарната „Камера 300“ тие не дозволија темнината да го проголта нашето културно минато, напротив, ја зачуваа, промовираа и ја афирмираа нашата култура, историја и секојдневие, посочи покровителот на фестивалот во Битола, претседатетелот Иванов.

brakja manaki 3

Според востановената традиција, отворањето беше одбележано со врачување на наградата за животно дело која годинава му припадна на најдобриот шпански кинематограф Хозе Луис Алкаине. Златната „Камера 300“ на Алкаинe му ја врачи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

– Како добитник на наградата за животно дело на фестивалот „Браќа Манаки“, длабоко се заблагодарувам на оваа земја, на Македонија и таа за мене е незаборавна бидејќи претставува највисоко признание што може да го добие еден кинематографер. Јас сум човек што работи со светлина и затоа нека биде светлина, порача кинематограферот Алкаине од фестивалската сцена во Битола.

Првпат годинава беше доделена нововостановената награда на Друштвото на филмските професионалци за врвни достигнувања во македонската кинематографија „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Првата награда му е доделена на легендарниот македонски режисер Кирил Ценевски.

brakja manaki 2

Претседателот на ДФРМ, Горјан Тозија рече дека она што се Годар, Фелини и Де Сика за француската и италијанската кинематографија,тоа е Кирил Ценевски за македонската кинематографија.

-Ние знаеме дека не можеме да ја донесеме правдата, но барем за момент се обидуваме да ја запреме неправдата што му се нанесува изминативе 30 години, истакна Тозија.

Пред публиката се обрати и градоначалникот на Битола, Владимир Талевски кој нагласи дека новиот Закон за филмска дејност, новата современа технологија со која е опремен Центарот за култура во Битола и обновата на киното на Браќата Манаки „Корзо“, Битола се претвора во вистински регионален центар на филмсата дејност.

34. издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 14 до 20 септември 2013 година во Битола и ќе биде отворено со премиера на македонскиот филм Соба со пијано на режисерот Игор Иванов.

soba so pijano ekipa na manaki

Шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаине е добитник на „Златната камера 300“ за животно дело во 2013, а француската снимателка Ањес Годар на специјалната награда „Златна камера“ за особен придонес во светската филмска уметност. Жири-комисиите што ќе ги одредат наградите се во состав од реномирани интернационални личности од светот на културата и уметноста. Покрај сценариото на гламурозната српска актерка Мирјана Карановиќ, на Сценариското катче „Браќа Манаки“ се одбрани уште пет проекти. Со мотото „Пушти ја светлината“ во 10 програмски целини Фестивалот донесува врвни 74 наслови од светската и од македонската кинематографија, меѓу кои четири премиери и два кандидати за Оскар. Друштвото на филмските професионалци на Македонија одлучи да воведе и посебна награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ која првиот пат ќе ја добие режисерот Кирил Ценевски. Во Битола ќе дојдат претставници од 10 од 12-те филма во главната конкуренција како и големи филмаџии од другите програмски селекции.

Ексклизивната гостинка на фестивалот е една од најбараните актерки во Европа Изабел Ипер.

You May Also Like