Бранко Цветкоски со книжевни средби во Осиек и Ѓаково во чест на Миладиновци

Во рамките на одбележувањето на 150-годишнината од смртта на браќата Миладиновци на 4 и 5 јуни во Осиек и Ѓаково (Хрватска) ќе се одржат промоции на поетското творештво на македонскиот поет Бранко Цветкоски, кој во 1993 година ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.

Промоциите се во рамките на повеќедневната манифестација Денови на браќата Миладиновци што годинава по петнаесетти пат ја организираат Македонското културно друштво „Браќа Миладиновци“ од Осиек и Заедницата на Македонците во Република Хрватска.

Творештвото на Цветкоски во клубот на книжарницата „Нова“ во Осиек ќе го претстави д-р Хелена Сабљиќ – Томиќ, а во Ѓаково, во спомен-музејот на Јосип Штросмаер – критичарот Мирко Ќириќ.

Цветкоски ќе ја посети и Градската и универзитетска библиотека на Осиек каде ќе бидат договорени заеднички активности за соработка меѓу таа библиотечна установа и Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје.

You May Also Like