Богат „топол културен бран“ низ Македонија

Во рамките на шестото издание на манифестацијата „топол културен бран“ оваа година ќе се реализираат над 110 културни настани во 29 општини низ државава.

topol_kulturen_bran_pres

Програмата ќе се реализира во две етапи, од 20 до 31 јули и од 20 до 31 август, во општините: Кривогаштани, Новаци, Кратово, Велес, Берово, Охрид, Градско, Радовиш, Гостивар, Демир Капија, Неготино, Ресен, Пробиштип, Валандово, Чашка, Кочани, Конче, Крушево, Вевчани, Демир Хисар, Гевгелија, Виница, Свети Николе, Пехчево, Кичево, Дојран и Маврово-Ростуше.

Министерството за култура оваа, 2013 година, по шести пат ќе ја реализира манифестацијата „Топол културен бран“ која низ своите пет досегашни изданија, несомнено, ја постигна својата цел, доближувајќи ја културата до сите граѓани на државава. Дисперзирањето на културните содржини низ градовите создаде силен културен импулс кој ги допре и областите на неформалната едукација и презентацијата на културните вредности што ги поседуваме како држава. Со содржините на петте изданија на „Топлиот културен бран“, успеавме да го збогатиме културното живеење на граѓаните и ја зголемивме нивната свест за културата и нејзините вредности – рече на вчерашната конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Од мноштвото случувања кои се дел од програмата на „Топол културен бран“, Канческа-Милевска ги издвои: настапот на Театарот за деца и младинци со најнаградуваната детска претстава „Македонска приказна“, театарски претстави од репертоарот на националните театарски куќи, концерти на Македонската опера и балет, концерти на групите „Синтезис“ и „Љубојна“, концерт на ансамблот „Танец“ и настапи на помали фолклорни друштва преку кои ќе се промовираат македонскиот фолклор и македонската изворна песна, проекции на филмови од македонската филмска продукција, проекции на филмови за деца и други содржини наменети за најмладите, потоа рок-концерти и настапи на македонски естрадни уметници, изложби на голем број млади ликовни уметници, поетски вечери.

Манифестацијата „Топол културен бран“ е само една од низата манифестации кои традиционално ги поддржува Министерството за култура и кои во летниот период им овозможуваат на граѓаните да проследат голем број интересни културни содржини, концерти, театарски претстави, литературни читања.

You May Also Like