Богата програма за „Скопје се сеќава“

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорката на „Универзална сала“, Вера Бошковска, на прес-конференција што денеска (19 јули) се одржа ја претставија програмата со која Градот ќе ја одбележи 50-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година.

skopje_se_sekava_logo

– Под мотото „Скопје се сеќава” годинава со поголем број активности ја одбележуваме 50-годишнината од скопскиот земјотрес, за да се потсетиме на немилиот настан, кога страшен земјотрес го разори Скопје, однесе многу животи и остави тага зад себе. Сакаме да потсетиме на истрајноста и непокорноста на скопјани, кои покажаа храброст, надеж и сила која ја заслужува сета наша почит. Сакаме да се заблагодариме на државите кои со неизмерна посветеност помогнаа во градењето на новото Скопје, кое стана симбол на човековата солидарност, хуманост и пожртвуваност, без чија помош Скопје немаше да биде тоа што е денес. Изминативе месеци реализиравме и голема медиумска кампања, беа емитувани ТВ спотови, објавени печатени огласи, сведоштва на преживеаните… Скопје опстојувало со векови, храброста, надежта и визијата се особини кои ги карактеризирале скопјани со децении, нешто што не се изменило со годините. Нам, на новите генерации ни останува должноста да создаваме иднина каква што му прилега на Скопје, како на една вистинска европска метропола – рече денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски додаде дека на одбележувањето на 50-годишнината од скопскиот земјотрес во Скопје се очекува да пристигнат градоначалниците на Љубљана, Софија, Тирана, Дрезден, Нанчанг и претставници од други градови со кои Скопје развива плодна соработка.

Директорката на „Универзална сала“, Вера Бошкова, најави дека одбележувањето на 50-годишнината од скопскиот земјотрес на 26 јули ќе почне со положување цвеќе на градските гробишта во Бутел, пред споменикот на загинатите во земјотресот. Потоа ќе следува традиционалната крводарителска акција. Официјалната програма за 26 јули ќе почне во 19 часот со поетско читање пред Музејот на Град Скопје. Во просториите на Музејот, во 20 часот ќе биде отворена изложбата „26 јули 1963“, а Градот Скопје на сите земји кои по големата катастрофа ја покажаа својата солидарност и испратија помош ќе им додели благодарници.

На плоштадот „Македонија“ во 21:30 часот ќе почне мултимедијалниот проект „Скопје се сеќава“, а Македонската филхармонија, актери и членови на Македонската опера и балет преку перформанси ќе пренесат приказни за љубовта, храброста и солидарноста – приказни од скопскиот земјотрес.

You May Also Like