Петокот за Илинден (2 август), Бит Фест беше исполнет со богата програма. Настаните кои се случуваа привлекоа доста публика и покрај празничната атмосфера.
Македонска етно венчавка
Во петокот на 2 август во 18 часот на плоштадот Магнолија започна „Македонската етно венчавка“ во организација на Центарот за едукација и негување на традицијата и фолклорот Етно Илинден од Битола.
„Во ова тешко време за нас како народ, кога ни фали малку да се докажеме кој сме и што сме по идентитет, сакаме малку да ги вратиме луѓето на старото, како тоа некогаш се правело. А и да им помогнме на оние парови кои во овие времиња немаат доволно средства да се венчаат“ – изјави Александар Тодоровски, етнолог од ЦЕНТИФ Етно Илинден Битола.
Битолчани а најмногу гостите од прекуокеанските земји имаа можност да го проследат месењето на погачите, плетењето на венците, китењето на бајракот, торбата и картата за канење, канењето на нункото и деверот, бричењето на зетовите, одењето по по невестите и слично.
Изложба на везови од мариовскиот крај „Ресачка“-Етнокреатив
На изложбата на везови од мариовскиот крај „Ресачка“беа презентирани 20 рачно извезени македонски народни везови. Носители на изложбата се членовите на ЕТНОКРЕАТИВ ЈП & ПЈ : Јулијана Петровска и Павлина Јовановска креативци со долго кретивно искуство.
Етнокреатив ЈП & ПЈ е силно мотивиран тим кој со своето повекегодишно искуство и ентузијазам има реализирано бројни групни и индивидуални изложби , креативни работилници, презентации и промоции на македонскиот фолклор и традиција. Изложбата во организација на Етнокреатив Битола се одржа во петокот на 2 август во Културниот центар Магаза.
Монодрама „Да се убие себе во себе“
Во петокот на 2 август во Пацио- Музеј битолчани ја проследија театарската претстава „Да се убие себе во себе“ во изведба на актерот Доне Донев. Оваа претстава е монодрама и е посветена на животот и делото на Методија Андонов Ченто, (првиот Претседател на Македонија) од неговото раѓање се до затворањето и пуштањето од затвор на две години пред неговата смрт.