Во петокот (16 август) во Магазата во Битола беше отворена изложбата на икони насловена „Иконографија“ која е дел од проектот „1700 години од Миланскиот Едикт“. Изложени се дела на Славица Михаилова и Георѓи Хаѕис. Истата изложба на крајот на месец август ќе биде отворена во Лерин, Република Грција.
На иницијатива на НУ Завод и Музеј – Битола, во Центарот за култура – Битола беше отворена изложбата „Фолклор“, заеднички проект со Здружението на уметници „УМ“ од Виница. Фолклорот како одличје на еден народ и поднебје е одлично поле за креативни истражувања и нови видувања преку призмата на современите уметнички текови. Уметниците прават обид за спојување на традиционалната, народна инвентивност со структуираното уметничко знаење. На изложбата претставени се слики, цртежи, скулптури и објекти, дела на: Гордана Вренцоска, Миливој Симеонов, Дејан Спасов, Соња Димитрова, Катица Алексова, Иво Пецов, Дарко Богданов и Александар Богданов – Чоки.
Поставката ќе биде отворена за јавноста се до затворањето на Битолското културно лето – 24 август.
Пред Културниот центар Магаза битолчани имаа можност да го проследат поетско музичкиот перформанс „Рома блуз“ на Театар „Самос“, во копродукција со „Фалкен“ – Дуизбург – Германија. Режија и избор на текстовите е на Сами Осман, а настапија:Сами Осман, Соња Каранџуловска, Армен Османов, Сашо Ристовски. Музика и сонгови: Исмет Саит и Соња Каранџуловска, техника и организација-Елвир Осман, Армен Османов и Џули Реџеповска.
И овој настан ќе остане забележан како настан кој предизвика голем интерес кај битолската публика.
БИТ ФЕСТ: 14 ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ДЕТСКИ МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ ТРА ЛА ЛА
Во првиот натпреварувачки ден, во Центарот за култура се одржа фестивал на вокални солисти, поделени во три возрасни категории. На 17-ти август исто така во Центарот за култура од 20.00 часот се одржа Гала вечер, каде беа доделени награди и признанија, збогатено со изведба на најдобрите песни според мислењето на шестчленото меѓународно жири.
На манифестацијата учествуваа солисти и делегации од: Македонија, Јапонија,Романија, Малта, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Полска, Албанија, Украина и Косово.
Ова е единственипт детски фестивал на овие простори кој се одржува во ЖИВО и кој собира таленти од целиот свет. Исто така, овој фестивал е репрезент на нашиот град и Републиката на многу значајни манифестации ширум светот, со голем број награди освоени од нашите претставници.
Темата на овогодинешната манифестација е ЈАС ЈА САКАМ БИТОЛА.