Битолскиот Центар за култура со успешна година

Директорот на НУ Центар за култура – Битола, Борче Димитровски на вчерашниот прес соопшти дека битолскиот Центар за култура реализирал успешна деловна година, исполнета со бројни културни манифестации и позитивно финансиско работење, со што уште повеќе се стабилизирала таа јавна установа.

Во текот на 2011 година во НУ Центар за култура се одржани повеќе 600 настани кои ги проследиле околу 200.000 гледачи.

– Публиката ја има на секој настан, но за нас посебно важно е што се враќа на кино проекциите и фестивалите што ги организиравме или бевме коорганизатори. Програмата ја зголемивме квантитативно и квалитативно, не изостанаа и позитивните критики што секако дека за нас е посебен поттик и мотив, изјави Димитровски.

Во 2012 година НУ Центар за култура ќе се реактивира функционирањето на угостителскиот објект, односно големиот ресторан погоден за разни манифестации од што се очекуваат дополнителни приходи кои ќе ја подобрат финансиската состојба и ликвидното работење на Центарот.

– Во периодот од 2000 година до денес низ установата се провлекувал долг поголем од 20 милиони денари, но сега состојбата е значително подобра, а долгот во голем процент намален. Најголем дел од проблемите ефективно ќе бидат надминати за што имаме позитивен сигнал од министерката Канчевска-Милевска, односно заостанатите долгови од претходните три години ќе бидат решени до средината на месец март, потврди Димитровски.

На вчерашната прес-конференција во Битола, беше најавено дека вечерва во големата сала на Центарот за култура премиерно ќе биде прикажан српскиот филм „Парада“ во режија на Срѓан Драгојевиќ.

You May Also Like