НУ Народен театар-Битола денеска (вторник, 24 јули) ги претстави трите најнови театарски проекти со кои ќе настапи на матичната сцена во Битола, но и во Австралија каде ќе гостува до крајот на годината.
Актерите од овој ансамбл ќе настапат во претставата „Само за вас“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, со која ќе гостуваат и во Австралија, додека во Битола ќе бидат одиграни претставата „Така зборуваше…“ според делото на Фридрих Ниче „Така зборуваше Заратустра“ во режија на Ѕвездана Ангеловска, и претставата „Травничка Хроника“ од Иво Андриќ во режија на гостинот од Хрватска Бранко Брезовац.
– Со овие проекти НУ Народен театар-Битола не само што е битен фактор во театарскиот свет во Македонија и на Балканот, туку и јадро околу кое се развиваат квалитетни културни настани, истакна директорот на битолскиот театар Светозарев.
На денешниот прес говореа режисерите на трите претстави Љупчо Ѓоргиевски, Ѕвездана Ангеловска и Бранко Брезовац.
– Претставата „Само за вас“ премиерно ќе биде изведена утревечер на летната сцена на Тумбе кафе, а истиот проект ќе биде изведен и во Австралија. Содржините се адаптирани за иселениците, односно за публика која ќе има несекојдневно дружење со актерите, односно со Борис Чоревски, Јоана Поповска, Менка Бојаџиева, Огнен Дранговски и други професионалци од битолскиот театар, истакна режисерот Ѓоргиевски.
Музичко-сценската композиција „Така зборуваше“ премиерно ќе биде изведена во рамките на битолското културно лето „БитФест“ на 31 јули во која ќе доминира комбинација на актерски и танчерски дел, најави режисерката Ѕвездана Ангеловска.
Паралелно со овие театарски проекти ги почна подготовките и на претставата „Травничка Хроника“ според истоименото дело на нобеловецот Иво Андриќ, а во режија на хрватскиот режисер Бранко Брезовац. Во претставата ќе настапат 18 актери, драматизацијата е на Дијана Мехај од Загреб, музиката ја подготвува Марјан Неќак, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографијата на Благој Мицевски.